„СЕТО ОВА НЕОДОЛИВО ПОТСЕТУВА НА 'ИНВЕСТИЦИИТЕ' НА ИНДИСКИОТ МИЛИЈАРДЕР СУБРАТА РОЈ“: Професорот Трајковски за гласините дека „Алказар Енерџи“ се откажале од ветропаркот
Професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, ги коментираше гласините за наводното откажување на инвестицијата за изградба на ветропарк од страна на Алказар Енерџи.
„До каде е наводната изградба на ветропаркот на „Алказар Енерџи“?
Минатата година, нашето неформално здружение на инженери се обрати до надлежните државни институции со официјално барање за информации во врска со дозволите за изградба на ветропаркот кај Штип, проект кој Владата агресивно го промовираше како своја инвестиција, „спас“ и темел на идната енергетска независност на Македонија.
Како одговор добивме само четири нецелосни и контрадикторни дописи, кои повеќе прикриваа отколку што разјаснуваа. Накусо, од Генералниот секретаријат на Владата ни беше соопштено дека на владините седници воопшто не се разговарало (!) за доделувањето на локациите кај Штип, Карбинци и Радовиш на странски инвестициски фонд и дека тоа, наводно, било во надлежност на Министерството за енергетика. Пред неколку дена, пак, од Министерството за енергетика добивме спротивна изјава, дека изградбата на електроенергетски капацитети не е нивна надлежност, туку дека тие се грижат исклучиво за преносот на електрична енергија. Практично тоа би значело дека се надлежни само за МЕПСО.
Дополнително, од Генералниот секретаријат ни беше потврдено дека не е издадена никаква концесија за користење на енергијата од ветерот. Се наметнува логичното прашање: која е користа за државата ако ги отстапува своите најквалитетни локации, се откажува од сопствена изградба и притоа не добива дури ни концесиски надоместок?
Значи, дури ни Владата не одлучувала, иако за толку крупна инвестиција (500 милиони евра!) би требало да одлучува Собранието, врз основа на контроверзниот Закон за стратешки инвестиции.
Посебно загрижувачки, но и невообичаено искрен, беше одговорот од МЕПСО. Според нив, дозволата за изградба на странскиот инвестициски фонд била издадена врз основа на дозвола издадена уште во 2009 година на друга компанија — компанија која пред речиси десет години се наоѓа во стечај и ликвидација. Ова е очигледно незаконски, бидејќи „Алказар Енерџи“ не ја купил таа ликвидирана фирма и, следствено, нема никакво право да ги користи нејзините дозволи. Инвеститорот морал самостојно да аплицира за нови дозволи, исполнувајќи ги сите законски услови. Сегашната состојба е апсурдна, како некој да аплицира за вработување со диплома од својот родител.
Од останатите институции добивме одговори без суштинска содржина, кои не заслужуваат ниту коментар.
Очигледно е дека целата постапка е водена крајно несериозно и создава впечаток дека е правена само за да се симулира активност, без реална намера нешто навистина да се реализира. Поминаа речиси две години од помпезно најавуваната изградба на ветропаркот, а на терен - за среќа - не се случува ништо. Беа организирани посети на инвеститорите, беше поставен и симболичен камен-темелник (притоа, во рамно поле наместо на планинска локација), но по нивното заминување сè замре. Останува и прашањето кој го финансирал нивното доаѓање во Македонија, и не би било изненадувачки доколку тоа било направено со јавни средства, единствено за да се прикаже привид на активност.
Сето ова неодоливо потсетува на „инвестициите“ на индискиот милијардер Субрата Рој, подоцна осуден за измама во сопствената земја, за време на владеењето на Никола Груевски. Потсетува и на наводната инвестиција во фабриката „Е-го“ за електрични автомобили кај Желино, во време на претходната влада, од која остана само камен-темелник на празна ледина.
Конечно, деновиве кружат гласини дека „Алказар Енерџи“ целосно се откажал од инвестицијата во ветропаркот. Доколку тоа е точно, тоа е добра вест за државата. Македонија нема да се лиши од своите природни ресурси, а некоја идна, поодговорна и подомаќинска влада ќе може да изгради државен ветропарк, по примерот на успешниот ветропарк кај Богданци, кој веќе функционира, се отплатува и по неколку години ќе носи чист, стабилен и безризичен профит за ЕСМ и евтина електрична енергија за граѓаните. Само вакви проекти навистина придонесуваат за долгорочна енергетска независност на државата, а не некакви приватни инвестиции што ни се прикажуваат како инвестиции на Владата.“, пишува тој.
Слично
