Економија, финансии, бизнис

Контакт

Сертификати за младите што поминаа обука за вработување

Сертификати за младите што поминаа обука за вработување

Триесетина млади лица  денеска  добија сертификати од Министерството за економија за бесплатните обуки на кои учествуваа во изминатата недела со цел подобрување на вештините за вработување.

Обуките, дел од проектот на Министерството за економија, беа составени од теоретски и практичен дел. Преку предавања од еминентни професори и успешни менаџери, како и посети на компании, младите се стекнаа со практични знаења и вештини за  вербална, невербална и писмена комуникација. Им беше укажано како да  ги идентификуваат можните работодавачи, да подготват квалитетна биографија за работа и да остварат успешно интервју за работа, како и да понудат своја бизнис идеја.

- Главна цел е да го разбудиме претприемничкиот дух кај младите кои во иднина нема да гледаат во јавната администрација како на едниствено место за вработување, туку со сопствени идеи ќе се потрудат  своите идеи да ги преточат во успешен бизнис план, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини на доделувањето на сертификатите.

Според него, менаџерите на компаниите вклучени во проектот рекле дека има вработување за сите млaди кои учествуваа во обуките, но најважно било да понудат квалитетни бизнис идеи.

Сопственикот на компанијата „Даути комерц“, Џемали Даути, еден од предавачите на обуките, изјави дека ја прифатиле иницијативата за учество во проектот  затоа што фирмите имаат потреба од квалитетен кадар.

Во компанијата, според него, секогаш има отворен конкурс за вработување, а приоритет ќе имаат младите што ја поминаа обуката. Компанијата ќе излезе во пресрет и на обучувачите кои имаат свои иницијативи и бизнис планови.

Постојано имале потреба  од зголемување на бројот на вработените, но без добри искуства со наоѓање квалитетен кадар.

- Во досегашното искуство се соочивме со неподготвен кадар, односно неподготвеност за работа со оглед на годините кои ги имаат младите генерации, несериозност кон  работата...  Од друга страна компанијата има многу селективен процес за избор и задржување на работа. Се уште се соочуваме  со овој проблем. Луѓето мислат дека треба само да се дојде на работа за да помине времето, но кога ќе се дојде треба да се работи, нагласи Даути

Слично

Поврзани вести