Сенаторите обвинуваат дека ректорот го прекршил Статутот на УКИМ
До ректорот на УКИМ, отворено писмо пишаа група сенатори, поради несвикувањето на седница на Универзитетскиот сенат по барањето на повеќе од една петтина членови на Сенатот.
Со чинот на несвикување на Сенатот, велат дека им е одземено правото на сенаторите да го искажат својот став.
На четврти и шести јули оваа година група од шеснаесет сенатори, со своите потписи, ја поддржаа иницијативата за свикување вонредна седница на Универзитетскиот сенат, во врска со случувањата околу скандалозните избори за претседател на СПУКМ. Кон оваа иницијатива се придружија и двајца сенатори кои, заради отсуство, не беа во можност да го потпишат барањето за вонредна седница, пишуваат тие.
„Статутот на УКИМ утврдува дека седница на Универзитетскиот сенат се свикува на барање на една петтина членови на Сенатот. Бројот на сенатори кои побараа вонредна седница го надминува потребниот минимум. Одредбата во член 111 на Статутот на УКИМ е императивна, што значи дека по барање на една петтина членови, Вие сте ОБВРЗАН да свикате седница на Сенатот. Фактот дека и по повеќе од десет дена од доставеното барање седница на Сенатот не е закажана, а иницијаторите не се известени за евентуалното закажување на седницата, укажува на Вашата лична проценка дека седница на Сенатот не е потребна. Со чинот на несвикување на Сенатот Вие најгрубо го прекршивте Статутот на УКИМ, што како ректор сте должен да го применувате и штитите. Седницата на Ректорската управа и соопштението кое произлезе од неа, а кое беше доставено до сите сенатори, на никаков начин не може да го супституира изјаснувањето на највисокиот орган на Универзитетот по однос на горливите прашања околу можните злоупотреби на автентичното студентско претставување во органите и телата на Универзитетот и неговите единици, како и по прашањето за евентуалните последиците по нивната работата“ - пишува во писмото.
Ректоре, мораме да констатираме дека Вие го прекршивте Статутот на УКИМ, со сите последици што таквата постапка ги повлекува, констатираат во писмото.
