Економија, финансии, бизнис

Контакт

Семејните трагедии како повод: медиумите и социјалните мрежи се претворија во мршојадци!

Семејните трагедии како повод: медиумите и социјалните мрежи се претворија во мршојадци!
Социјалните мрежи се најчесто користен медиум на денешницата, па  секоја информација споделена таму  учествува врз градењето на јавно мислење. Голема одговорност за тоа носат и медиумите со нивната потреба за сензационализам, односно потребата да се испровоцира реакцијата на јавноста преку објавување на непотполни и непроверени и интригантни информации-вели за Фактор, Надица Скепароска-Петковска, м-р по Клиничка Психологија. Самоубиството на младата девојка во населбата Аеродром предизвика бура од реакции на социјалните мрежи. Од критики до сочувство . Но  според психологот Скепароска-Петковска  најтешко  е да се контролира гневот, критиката, обвинувањата и линчувањето на личности за кои само малкумина знаат со каков проблем тие се соочуваат, па желбата и потребата да се ѕирне во туѓиот  живот станува предизвик за случајните или намерните “душегрижници”. “Што се случува кога непроверена информација ќе проструи низ социјалните мрежи? За неколку часа ја споделуваат десетици, стотици профили и станува тема на интерес. Само мал дел од учесниците на социјалните мрежи ќе се запрашаат дали информацијата е заснована на факти и ќе се воздржат да дадат мислење, или да осудат нечија постапка или дело. Останатите веднаш се впуштаат во линч или во изнесување сопствени искуства. Така започнува еден маѓепсан круг од кој потоа произлегуваат многу непријатни ситуации. Истото се случуваше деновиве со информациите за девојката која почина во несреќни околности, паѓајќи од 9 кат. Се изнесуваат многу инсинуации, лични убедувања, осуди”- вели психологот Скепароска-Петковска. Дополнителен проблем  според неа е  што честопати комуникацијата на социјалните мрежи се сведува помеѓу лица кои ниту ја знаат ниту ја познаваат личноста и проблемите со кои таа се соочува. Па на секоја објава на социјалните мрежи има “бомбардирање од информации, експерти  и аналитичари”. “Желбата и потребата да се ѕирне во туѓиот живот не се нови и непознати за луѓето. Така и во конкретниот случај, луѓето не можат да се воздржат да не ѕирнат во профилите на засегнатите лица и да конструираат сценарија. Мајката, моментално е во процес на тагување и прифаќање на новонастанатата ситуација. Секој што има почит, би се потрудил нејзините изјави да ги заштити наместо да ги споделува во јавност можеби извадени од контекст”-додава психологот. Затоа вели дека е потребна зголемена контрола на социјалните мрежи и надзор за малолетните  лица кои го користат овој начин на комуникација, а  граѓаните понекогаш треба да се запрашаат  колку и кои информации од приватниот  живот се адекватни за споделување на социјалните мрежи и кои се последиците. “Секој може да види и чуе што сака и кога сака. Потребата да се споделуваат интимни и болни информации на социјалните мрежи е секогаш присутна. Голем број млади луѓе денес имаат потешкотии или претходно имале потешкотии кои може, а и не мора да биле дијагностицирани како депресија и како такви третирани. Тука би кажала дека целиот општествен контекст, семејни односи, заедно со конституционалните особености на личноста придонесуваат да дојде до депресивна епизода. Под општествен контекст мислам на невработеноста, општествените превирања и бесперспективноста кои создаваат чувство на немоќ кај младите лица. Во некои семејства можеби децата се во втор план, но подеднакво важно е дека во дел од македонските семејства децата се презаштитувани и не се чувствуваат компетентно да се носат со предизвиците на секојдневието”-објаснува психологот Скепароска-Петковска. Оттука таа порачува социјалните мрежи да се користат  разумно и секогаш да се проверува од кој извор доаѓаат информациите и колку истите  се основани, а првенствено да се заштитат децата од информации кои можат да предизвикаат конфузност кај нив. “Скот Стратен еден од петтемина највлијателни личности на социјалната мрежа Твитер, прогласени според Форбс магазинот, изјавил : “Никогаш не постирајте на социјалните мрежи нешто што не би сакале да го видите на билборд со вашето име, адреса, фотографија и телефонски број, а покрај него да поминуваат ваши соработници, вашата мајка или вашето дете”- порачува психологот  Надица Скепароска-Петковска. С.Б.    
Слично

Поврзани вести