Економија, финансии, бизнис

Контакт

Семејна фирма на поранешен директор на ТЕЦ Неготино доби земјоделско земјиште од државата под закуп

Семејна фирма на поранешен директор на ТЕЦ Неготино доби земјоделско земјиште од државата под закуп

Семејната фирма на Небојша Стојановиќ, поранешен директор на термоцентралата во Неготино, инаку осомничен во случајот „Адитив“ но и под лупа за најмалку уште една спорна јавна набавка, добила од Владата дозвола за долгогодишен закуп на државно земјоделско земјиште.

Се работи за површина од над 7 хектари која на владина седница на 4 февруари е доделена на Хем-Алијанс Неготино. Земјиштето се наоѓа на катастарска парцела во Пепелиште,од каде е и самата фирма. Министерството за земјоделство добило дозвола од Владата во рок од 30 дена да го потпшише договорот за закуп.

Пред повеќе од две години Хем-Алијанс доби тендер од 630 илјади евра за набавка на  „чисто органско биоразградливо соединение за спречување на појава на прашина од одложена пепел “ за потребите на РЕК Битола, додека Стојановиќ беше директор на ТЕЦ Неготино. Оправдувањето од Електрани на Македонија тогаш беше дека набавката е спроведена во РЕК Битола и истата во никој случај не се однесувала за ТЕЦ Неготино.

Пред два месеци Обвинителството го отвори случајот „Адитив“ во кој првично беа опфатени 23 луѓе, меѓу кои и Стојановиќ како поранешен директор на ТЕЦ Неготино, покрај поранешните директори на ЕСМ Васко Ковачевски, кој е во бегство, и неговиот наследник Васко Стефанов. Под истрага е и поранешниот директор на РЕК Битола Пеце Матевски, поранешниот комерцијален директор на ЕСМ Адријан Муча, како и Данчо Стојановски – поранешен комерцијален директор на ЕСМ, и неговата братучетка Маја Јорданова – сопственичка на фирмата Браинкоде, од која е набавен адитивот, за прочистување на внатрешноста на термоблоковите, по цена три пати поскапа од пазарната. Медиуми во меѓувреме пишуваа дека Стојановиќ се познавал со сопственикот на компанијата од Италија од која „Браинкоде“ го купи адитивот. 

Во декември, кога беше отворен случајот,  Милица Стојановиќ, сопруга на Небојша Стојановиќ се повлече од директорското место на Хем-Алијанс од Неготино, а нов раководител е Стефка Стојанов. Сопственик на фирмата е Мирко Стојановиќ.

Иако основната дејност на Хем-Алијанс е одгледување на лозје, трите подружници се трговија на големо со хемиски производи, производство на друг мебел и „дејности на советување во врска со работењето и останато управување“. Приходите во 2023 се зголемиле за 134 отсто (2,75 милиони евра), додека се зголемила и добивката за 277 проценти (1,2 милиони евра)

А.К.


Слично

Поврзани вести