Економија, финансии, бизнис

Контакт

Села бара оставка од Тачи ако изгуби на изборите

Села бара оставка од Тачи ако изгуби на изборите
Лидерот на ДПА Мендух Тачи нема право да ме исклучи од партијата, вели струшкиот градоначалник Зијадин Села, па дури и најавува дека е подготвен да ја преземе партиската функција на Тачи доколку ДПА доживее пораз на претстојните избори. „Мендух Тачи нема право да ме исклучи од Централното претседателство. Ова право го има претседателството, но колку што јас имам информации, ова тело не одржало состанок за да се реши прашањето“, вели Села во неговата прва официјална реакција, два дена по исклучувањето од партијата. Тој беше исклучен заради несогласување со партискиот лидер околу тоа кој да ја предводи листата со кандидати за пратеници од ДПА во 5-тата изборна единица. Струшкиот градоначалник сепак најавува дека нема да се премисли и оти останува на одлуката за замрзнување на сите активности за предвремените парламентарни избори, а очекува во тоа да го поддржат и многу гласачи во струшко. „Ако ги добие изборите Мендух Тачи нека продолжи да биде челник на ДПА, но ние огранокот на Струга ќе бидеме огранок кој ќе биде еден вид опозиција внатре во партијата. Ако изгуби на 27 април го чекам да даде оставка, ако не дава оставка ќе почне неговото заминување од партијата“, додава тој. Села најавува дека и покрај отворениот конфликт во кој влегува со Тачи, сепак ќе гласа за претседателскиот кандидат на ДПА, Илјаз Халими, затоа што активно учествувал во собирањето потписи за неговата кандидатура. Тачи вчера беше во Струга и иако директно не го спомена исклучувањето на Села, сепак нагласи дека ништо нема да го премисли и да го натера да се откаже од лидерот на кандидатската листа што тој го избра - Зија Јонузи.
Слично

Поврзани вести