СЕКУЛОВСКА ГАБЕР: Прав „државник” не дозволува рушење на еден од најважните столбови во државата!
Потписот на претседателот на државата Ѓорѓе Иванов кој ја заокружи постапката за официјализирање на измените на Законот за високо образование, дополнително ја изреволтира академската заедница. Професорката Билјана Секуловска-Габер, член на Професорскиот пленум, за Фактор вели дека професорите очекувале дека претседателот Иванов ќе постапи како државник и нема да потпише закон кој е неуставен и кој ја крши загарантираната автономија на Универзитетот, бидејќи вистинскиот државник,според неа, е оној кој не дозволува рушење на образовниот систем - еден од најважните столбови врз кој се гради демократијата и иднината на една држава.
“Со потпишувањето на Законот, за жал, Претседателот го руши тој важен столб на општеството, давајќи при тоа, едно повеќе од несватливо и чудно образложение, кое верувам дека ќе влезе и во аналите на еден правен систем и секако ќе создаде конфузија во образовната област дека: „..добил цврсто уверување од предлагачот -Владата, дека ќе организира сеопфатна стручна расправа за најсуштествените прашања од високото образование со релевантни субјекти од оваа област, претставници на студентите и меѓународни експерти во функција на нов закон!!!...“
Затоа, членовите од Професорскиот пленум, го прашаа Претседателот: Па зошто претседателе-државнику, потпишувате закон за кој и сами велите дека ќе биде заменет со нов?”-потенцира проф. Секуловска-Габер.
Професорите не ја исклучија можноста за граѓанска непослушност, бојкот на наставата, но на еден поинаков начин. Според професорката Габер, нивното знаење, искуство и ентузијазам сплотен со ооној на студентите ќе им овозможи вистински да покажат што знаат и умеат да направат, секој во својата област. Ниту студентите, ниту професорите, вели, не се плашат од испити и проверка на знаењето. Тие едноставно сакаат да го надминат “заокружувањето” и да ги применат своите вистински знења и вредности.
“Јас, како професор на Економскиот факултет, кој на првиот циклус студии предава Меѓународни организации и интеграции и Економска статистика, а на вториот циклус – Европски студии, Европски економски интеграции, планирам, заедно со моите студенти, како дел од примената на практичните вештини во изведувањето на наставата, нагледно да покажеме кој и каков е европскиот начин на донесување на законите, каде само преку анализи и дискусии се донесуваат решенија кои се применливи и остварливи во праксата. Натаму, ќе изготвиме компаративни анализи, не само квантитативни, туку и квалитативни, за тоа колку средства од буџетот се издвојуваат за образование и наука и како истите се распределуваат и трошат. Ќе „измериме“ колку Македонија и вистински е блиску или далеку од членството во ЕУ до колку не ги почитува основните прерогативи од Договорот од Лисабон каде ѓраѓанинот е на прво место, а човековите права и слободи се неприкосновени”-додава професорката Секуловска-Габер.
Без пари и без вложување во наука – “нема наука”!
Форсирањето на импакт факторот според професорите е прекратко поимање на науката за тоа што таа навистина е, на тој начин велат, се фиксира структурата и културата на истражувачките институции и токму затоа не смее да биде клучниот критериум кој ќе ги одредува квалитетите на професорите.
За објавувањето трудови во списанија со импакт -фактор и тоа цитирани само на одредени бази на податоци, според професорката Секуловска-Габер, треба да се има на ум дека пристапот до истите е лимитиран, пред се од финансиски причини. Чудно е, додава, како се заборава дека глобализцијата не е само можност за вмрежување, размена на искуства, знаења, туку дека е и обврска, пред се на државата за издвојувања на значителни средства во истражување и развој, каде што влегува и ставката издвојувања за пристап до одредените бази.
“Колку за споредба, званичните податоци покажуваат дека Македонија од својот БДП издвојува само незначителни 0.2% за И&Р, додека на пример Словенија издвојува 2.4%. Инаку, според програмата Европа 2020, таргетот на ЕУ до 2020 година е да издвојува 3% од БДП. Уште попластични се податоците за овие издвојувања по глава на жител, а сите знаеме дека Словенија и Македонија имаат скоро ист број на жители: додека Словенија издвојува по 436 евра по глава на жител за истражување и развој, Македонија издвојува цели 7,45 евра! Инаку, европскиот просек изнесува 510,5 евра по глава на жител! Овие податоци не се од вчера. Така е веќе години наназад и токму затоа, кога уште пред три години се правеа дополнувањата на истиот овој Закон (оваа е веќе петнаесетта измена за седум години), членовите на Vox Academica каде сум и јас член, реагираа на истите, па дури и поднесовме преставка до Уставниот суд на РМ. И тогаш упатувавме апел: „Востановете европски услови, мислејќи токму на финанските издвојувања на државата за истражувања и развој, до колку очекувате исполнување на европски и светски стандарди односно објавувања со импакт фактор-објаснува проф. Секуловска-Габер!
Таа додава, дека објавувањето на трудови во реномирани списанија со импакт фактор не е новина, ниту услов од кој треба да зависи квалитетот во високото образование. Вложувањето во ресурси и издвојувањето на финансии во научно-истражувачката дејност, потенцира, е приоритетното прашање кон кое треба да се насочат надлежните, а дури потоа проблемите да ги лоцираат во академската заедница. Надлежните вели, треба да се фокусираат кон подобрување на социо-економската состојба за да ги задржат младите и квалитетни кадри во земјава, а не да го забрзаат нивното заминување надвор.
“Нашите симпатии кон студентите и поддржувањето на нивната автохтона борба и активизам беше една работа, а нашиот „гнев“ беше токму испровоциран од крајно некоректнте оценки дадени од страна, пред се на премиерот Груевски. Ние, со нашите, сега веќе преку 500 потписи сакавме со име и презиме да покажеме и докажеме дека не само што не сме мрзеливи, туку пред се не се плашиме да се легитимираме што сме постигнале до сега, дека имаме објавени трудови во цитирани меѓународни списанија, дека сме образувале и воспитувале толку многу генерации, меѓу кои се и најголемиот број на министри кои седат во Владата, вклучувајќи го и самиот премиер, дека сме „вмрежени“ со огромен број респектирани научници ширум светот, дека на оваа наша земја сме и донеле многу проекти и посветено работиме на отворањето на патот на Македонија кон ЕУ и НАТО, дека сме престојувале, магистрирале, докторирале на престижни универзитети низ светот, со што сме ја афирмирале и Македонија, дека, на крајот на краиштата сме се бореле и ќе продолжиме да се бориме ЕУ да ја донесеме „дома“, наместо да се чувствуваме странци во сопствената држава, поради што и толкав голем дел од нашата најобразована млада популација заминува од земјата, а ние ни попис немаме, за да не се видат катастрофалните бројки”-вели проф. Секуловска-Габер.
Кој дозволил неквалитет во високото образование?!
Досега надлежните носењето на новите законски решенија ги правдаа поради се послабиот квалитет на високообразовниот кадар кој излегува од факултетските клупи. Но прашањето според професорката од Економскиот факултет е многу посуштинско и подлабоко. Затоа вели, Професорскиот пленум неколку пати отворено прашува: кој дозволил ова да се случи?
“Ова го видов од излагањето на министерот Адеми. Покажуваше пред камерите некакви табели за тоа дека пред се некои од приватните факултети и универзитети покажале лоши резултати. Сега јас ќе ви одговорам со прашање: во чии раце и кој е одговорен за работењето на одделните институции во министерствата? Ако тоа е така, а тие не реагирале, тоа фактички значи дека тие не си ја завршиле својата домашна работа. Дали е тоа доволна причина да носите измени во целиот закон, а при тоа не давате можност, вистинска можност за дискусија? Ако Министерот и Премиерот сметаат дека нивното давање изјави пред камерите било дискусија или дебата, тука, за жал, ќе морам да ги корегирам дека, согласно европските правила и прописи, кои и ние како земја кандидат имаме обврска да ги спроведуваме и имплементираме во пракса, тоа не е точно!”-смета проф. Секуловска –Габер.
За добри и ефективни законски решенија, според неа, потребна е сеопфатна дебата и анализи кои ќе ја поткрепат потребата од негово носење. Штетата, вели, сега е направена и треба да се работи на нејзино намалување.
“Токму затоа Професорскиот пленум не отиде на „дебатата“ прво закажана во хотел, а потоа „дислоцирана“ во македонското Собрание. Не може да зборувате за отворање дебата кога Законот е ставен во собраниска процедура. Ако навистина се сакаше да се дојде до конструктивно решение преку дијалог и почитување на разнородни мислења, наједноставно ќе беше постапката да се стопира и вистински да разговараме за нешта за кои сите се согласуваме, дека му сакаме добро на образованието, зошто и сакаме добро пред се на сопствената земја и на генерациите пред кои сме одговорни. Можеби ситуацијата ќе беше поинаква до колку и сите ректори и декани од Интеруниверзитетската конференција не отидоа на таа „дебата“ и покажеа како се чува автономијата на Универзитетите. Но, штетата е направена! Кога ќе дозволите да се „погаѓате“, само затоа што „непристојната покана“ доаѓа од страна на авторитет, а при тоа не го почитувате и браните сопствениот, тогаш и ќе бидете ставени во ситуација да ве напаѓаат неправично и бескрупулозно”-нагласува универзитетската професорка.
Дисперзирани студии-потреба или неуспешен обид за реформа?!
Неквалитетот во високото образование професорите го лоцираат во отворањето на дисперзираните студии во скоро секој град во земјава, без доволно инфраструктурни, материјални и човечки потенцијали, со што се дозволи симнување на границите за упис на факултет, енормно зголемување на бројот на студенти и вештачко намалување на невработеноста. Овие параметри, според професорите, се суштински за анализи врз кои требаше да се постават и новите законски измени.
“Секоја година после завршувањето на уписите ние до ресорното министерство, преку Ректоратот на УКИМ испраќавме анализи со бројки за неоправданоста, неефикасноста, нерационалноста од постоењето на дисперзираните студии. Дури и писмено баравме истите да не бидат отворени, пред се заради многу малиот број примени кандидати. Дали некој не послуша? НЕ! Треба само да погледнете како од година во година се „олабавуваа“ условите за упис, само за да се оправда донесената мерка! А дали исто така знаете дека секоја година се повеќе и повеќе се олабавуваа условите за прием на факултетите повторно направени „по диктат“ на Владата, такашто веќе не постои „долна граница“ за влез на факултет. На ваков начин, не само што е дерогирана дражавната матура, исто така востановена од оваа Влада, туку е драстично опаднат квалитетот на примените кандидати. Но затоа, другата цел, прикажувањето на божем смалена стапка на невработеност е постигната”-потенцира професорката Секуловска-Габер.
Она што според професорите недостасуваше, е реална, стручна дебата достојна за академската заедница, бидејќи новите законски измени ги засегаат сите сектори во воспитно-образовниот систем. Затоа тие побараа да се се создаде еден поинаков пристап, со вклучување на студентите, универзитетите и стопанството во една сеопфатна и широка дебата, од која, според професорите од Пленумот, ќе произлезеа многу конструктивни предлози и идеи пред да се донесат избрзани законски решенија. Дополнително,велат, тезите се измешаа со формирање на Контрапленум или граѓанска иницијатива која само уште еднаш, според нив, посочи дека реално проблемите постојат, но не го обелодени изворот на истите.
“Не би сакала да го коментирам начинот на нивното организирање, бидејќи во демократско општество е сосема нормално и дозволено, луѓето да ги искажуваат своите афилиации и ставови. Вака судејќи, уште и ќе можеме да заклучиме дека и Македонија е демократско општество?! Простете ми на цинизмот, меѓутоа тие колеги одбегнуваат да кажат дека ние, за разлика од нив, не сакавме да навлегуваме во материјална расправа по самиот предлог-Закон од едноставна причина:процедуралниот начин на неговото донесување без претходна јавна расправа беше дерогиран. Па ќе повторам: ќе беше многу поедноставно да беше слушнат нашиот крик - да и се дозволи на академската заедница да се искаже, заедно со студентите и со бизнис заедницата. Каде Владата ги заборави своите претходни „заложби“ за воспоставување на спрега и зацврстување на „триаголникот Универзитети,академски кадар и студенти, потоа бизнис заедница и Влада!!!”-додава професорката Секуловска-Габер.
Студентите и професорите не бегаат од државен испит, државата бега од знаењето!
Членовите на Професорскиот пленум, потенцира универзитетската професорка, не би имале проблем со некаков вид „екстерно оценување“ кое, вели, откако студентите се побунија, Владата го преименува со небулозното име „државен испит“. Терминот екстерно оценување, според неа, мораше да биде сменет бидејќи и сега, на факултетите се спроведува како внатрешна, така и надворешна евалуација односно оценување, каде биле истакнувани забелешки, посебно по однос на начинот на спроведување на реформите во високото образование во кое има 15 измени во Законот за само 7 години.
“Меѓу најгорливите забелешки се споменувани проблемите со владините преводи кои сме обврзани да ги посочуваме во основната и дополнителна литература,дисперзираните студии и сл. Натаму, не е точно дека се спроведува таков вид на испит во сите оние силни држави кои се споменуваат во владината реклама! Зошто не ги кажуваат вистинските факти дека всушност се работи за испити, само кај т.н. регулирани професии?!”-смета проф. Секуловска-Габер.
Борбата според неа, продолжува, бидејќи и професорите и студентите знаат и можат на достоинствен начин, карактеристичен и за нивното досегашно делување, да докажат дека со воља и ентузијазам, на студентите може и мора да им се отворат визии за она што е вистинска вредности и доблест, за заеднички да се изборат за подобра иднина!
Слично
