Сексуалните работници изгубени во ноќта: марш на црвените чадори во Скопје!
Најстариот занает на светот, проституцијата, во Mакедонија е сеуште табу тема, или така повеќе милуваат да биде дел од обичните граѓани па и јавните личности. Многу малку се знае и се зборува воопшто и за сексуалните работници. За оние ретките, кои отворено сакаат да зборуваат нив, тоа е најчесто на 17 Декември, Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници.
СТАР-СТАР-здружението за заштита, промовирање и унапредување на маргинализираните професии, по шести пат се приклучува кон глобалното одбележување на “Маршот на црвените чадори” низ улиците на Скопје, преку кој треба да им ја пренесат пораката на надлежните, да не ги забораваат и овие лица кои избрале еден поинаков животен пат од останатите-велат од здружението.
“Маршот на црвените чадори и пркоси на небезбедноста, а e портрет на оние кои ги креираат судбините на сексуалните работници. Aктивистите за човекови права,, сексуални работници, хот лај операторки, масерки маршираат за да потсетат дека и ним им треба внимание, закони кои ќе ги заштитат од секојдневното насилство. Црвениот чадор е глобален симбол на сексуалната работа. Црвената, е боја на убавината а чадорот штити од надворешни влијанија, лоши клиенти, макроа и слично.”-вели Борче Божинов-претседател на СТАР-СТАР.
Правен вакум за најстариот занает на светот!
Законската рамка која што ја опфаќа сексуалната работа во Македонија, не им гарантира безбедност при работата на сексуалните работници, ниту пак им налага на институциите да им посветат внимание на оваа група на луѓе-реагираат од невладиниот сектор. Често пати,велат, сексуалните работници се во заблуда во однос на тоа како нивната професија е регулирана со закон, со оглед на тоа дека сексуалната работа во Македонија претставува прекршочно дело за нарушување на ред и мир, а најголемата причина зашто се јавува оваа заблуда е манипулацијата на законот. Често пати сексуалните работници на улица се казнуваат за фрлање отпушоци, токму заради фактот што овој закон содржи нејаснотии односно поголема палета на прекршоци-потенцира Божинов.
“Вака дефинираниот закон и пристрасното општество во кое што живеат сексуалните работници, повлекува низа проблеми со кои тие секојдневно се соочуваат:
-Насилство од страна на макроата, физичка и психичка тортура се најчесто предизвикани кај уличните сексуални работници -Насилство од страна на клиентите, одземање пари или неплаќање за искористената услуга -Сексуалните работници најчесто се перцепирани како жртви на кој им е потребна помош и дека тие би требало да бидат уапсени -Сексуалните работници се игнорирани од страна на институциите (центрите за социјална помош најчесто одбиваат да им овозможат вдомување на уличните сексуални работници со изговор дека таквите луѓе се зависини од дневна заработувачка и повторно се враќаат на улица”-вели Борче Божинов од СТАР-СТАР.
Фрапантна статистика за Македонија!
Од здружението за заштита, промовирање и унапредување на маргинализираните професии велат дека не постојат никакви релевантни или систематски истражувања во врска со степенот/пропорциите на сексуалната работа во Македонија. Јавноста оперира со бројка од 3000 до 4000 луѓе вклучени во сексуалната индустрија, вклучувајќи ги и оние кои се присилени да вршат сексуални услуги, односно оние што можат да се идентификуваат како жртви на трговија со луѓе. Секак овој број , според нив е далеку поголем и се однесува исклучиво на полнолетни луѓе кои што по сопствена желба се определиле сексуалната работа да биде нивна животна професија.
Иако постојат информации дека сексуална работа во Македонија постои, расте и се проширува во последните петнаесет години, “државата сеуште нема изградено јасен нормативен систем со прецизно дефинирани мерки и органи задолжени за превенција и следење на проституцијата и сите нејзини странични/колатерални појави-што според здружението е коренот на проблемите во решавањето на случаите поврзани со проституција или трговија со луѓе.
Законска регулатива!
Во правните регулативи на Република Македонија изведувањето на сексуална работа, односно “оддавање на проституција” е нарушување на јавниот ред и мир (член 27 од Законот за нарушување на јавниот ред и мир во Р.М.), додека некои други активности поврзани со сексуалната работа (подведување, охрабрување, заработување од обезбедување на сексуални услуги) се третираат и казнуваат како криминални прекршоци (член 191 од криминалниот законик на Р. М. 1996). Според претседателот на СТАР-СТАР, Божинов, во реалноста “МВР не прави разлика меѓу проституција и “експлоатирање, употреба, искористување на проституција”, така што презема мерки за “елиминација на проституцијата” наместо за “елиминација на експлоатирање во проституцијата” и како последица на тоа презема драстични полициски мерки против жртвите на експлоатација наместо против експлоататорите”.
Креираните закони за нарушување на јавниот ред и мир дополнително негативно влијаат врз сексуалните работници казнувајќи ги за вршење полови дејствија на јавни површини со парични казни во вредност од 600 до 600 евра, Сексуалните работници, редовно “третирани” како опасност за општеството и традиционалните семејни вредности се често на удар на органите на власта со единствена цел – нивно истребување, односно искоренување на проституцијата како негативна и неморална појава во Македонија. Таквите репресивни мерки, дополнително, ги стигматизираат сексуалните работници и ги прават подложни на насилство од страна на полицијата, клиентите, макроата и околината. Дискриминаторскиот третман врз сексуалните работници е распространет дури и во спроведувањето на законите, односно судовите, здравствените клиники, центрите за социјална работа”-вели Божинов.
17 Декември е востановен како ден за заштита од насилство врз сексуалните работници, основан од д-р Ени Спринкл. Преку неговото одбележување се оддава почит на жртвите, 46 сексуални работнички од Сиетл, Вашингтон кои биле убиени од сериски убиец. Црвениот чадор како симбол на борба против насислтво врз сексуалните работнички за прв пат се користи во Италија.
Слично
