Секоја акција на „Витаминка“ носи добивка од 568 денари
Профитот во првото полугодие изнесува 43,9 милиони денари и е за 24 отсто повисок во однос на истиот период лани. Во овој период приходот од продажби пораснал за 1,1 милиони евра во однос на лани и изнесува 12,86 милиони евра. Профитната маргина е 5,5 отсто
Прилепската прехранбена компанија „Витаминка“ во првата половина годинава остварила вкупни приходи од продажба во износ од 798,5 милиони денари (12,86 милиони евра). Во споредба со истиот период лани приходите се поголеми за 1,1 милиони евра. „Витаминка“ успешно ги освојувала и домашниот и странските пазари зашто бележи раст на продажбите и на двата сегменти. Приходите од продажба на домашниот пазар пораснале за 12 отсто односно за 47,6 милиони денари, и изнесуваат 456,5 милиони денари. На странските пазари се ефектуирани 335,7 милиони денари и растот е 6 отсто односно 20,2 милиони денари.
Оперативната добивка на компанијата изнесува 51,4 милиони денари, финансиските расходи во споредба со лани се намалени за 20 отсто односно за 0,8 милиони денари. Вкупната добивка е 43,9 милиони денари и бележи фантастичен процентуален раст од 24 отсто во споредба со ланскиот полугодишен резултат.
На расходната страна се гледа дека растот на приходите повлекол и раст на трошоците. Вкупните расходи се 750,3 милиони денари и се за 8 отсто повисоки од ланските. Кај најголемата ставка „трошоци за суровини“ има раст од 4 отсто односно 15,5 милиони денари и тие изнесуваат 429,5 милиони денари. Вреден за истакнување е и растот на трошокот за вработените кој изнесува 26 отсто во споредба со лани односно 27,5 милиони денари. Трошокот за вработените за првото полугодие е 132,6 милиони денари.
Резултатите покажуваат офанзивна стратегија на менаџментот која дава резултати и во период кој глобално е одбележан како стагнациски или рецесиски успеале да ги зголемат продажбите и на двата сегменти: дома и на странските пазари и при тоа да ја зголемат и добивка. Приходите во споредба со ланското полугодие пораснале за 67,8 милиони денари, а расходите за 57,6 милиони денари.
Акционерите особено треба да ги охрабри билансот на состојба кој покажува драстично намалување на обврските што компанијата ги имала. Вкупните обврски се намалени за 157,6 милиони денари односно за 36 отсто. Обврските спрема добавувачите се намалени за 20 отсто односно за 25,4 милиони денари, долгорочните обврски се помали за 84 милиони денари, а останатите краткорочни обврски за 70 милиони денари. Раст на обврските има само кај ставката за краткорочните кредити.
„Витаминка“ е една од ретките македонски компании кои се речиси во исклучителна сопственост на домашни акционери. Во нејзината структура најголем акционер е Симон Наумоски долгогодишен генерален директор и претседател на управниот одбор кој поседува 29,8 отсто од акциите со право на глас. Неговиот син, актуелен генерален директор, Сашо Наумоски поседува 6,97 отсто од акциите, а од менаџерите поголеми акционери се уште Стеван Игнатоски со 5,94 отсто од акциите и Наташа Стојковска со 5,08 отсто. Покрупни акционери се уште Кирил Божиноски со 5,99 отсто и Марика Наумоска со 5,17 отсто од акциите со право на глас, согласно со податоците од Централниот депозитар за хартии од вредност. Оваа група поседува 59 отсто од сите акции со право на глас. Останатите 257 акционери – домашни физички лица поседуваат 34,9 отсто од капиталот. Уште 15 домашни компании поседуваат 5,8 отсто од акциите.
Р.Ф.
