СЕДУММИНА МАКЕДОНСКИ КАМИОНЏИИ ДОБИЛЕ ЦРН ПЕЧАТ ВО ПАСОШИТЕ: Дел се депортирани
Дваесет македонски професионални возачи се соочиле со санкции во последните неколку месеци поради строгата примена на правилото „90 дена во период од шест месеци“ за престој во Шенген зоната. Дел од нив биле депортирани, а седум добиле и забрана за влез, потврди Билјана Муратовска од асоцијацијата Макам-транс во емисијата „Бизнис 21“.
Според Муратовска, тринаесет возачи поминале со парични казни и депортација без дополнителни последици, додека седуммина добиле таканаречен „црн печат“ во пасошот, односно забрана за влез во Шенген зоната во траење од шест месеци до една година.
Таа појасни дека станува збор за случаи регистрирани во периодот пред неодамнешните протести на транспортерите од Западен Балкан, со кои беа блокирани граничните премини поради истиот проблем.
Четиридневните блокади, според Муратовска, го вклучиле алармот во Брисел, по што се одржал состанок на министрите од Западен Балкан со претставници на Европската комисија. Се очекува Комисијата веќе неделава да презентира преодно решение, додека се подготвува трајна системска промена.
– Доколку нема брз одговор, не се исклучени нови протести и блокади на границите, особено од страна на превозниците од Србија и Босна и Херцеговина, изјави Муратовска, додавајќи дека сепак очекува решение во наредните два до четири месеци.
Како привремено решение, таа предлага да не им се бројат печатите во пасошите на возачите, што, според неа, Европската комисија може релативно брзо да го овозможи со одлука поврзана со новата визна стратегија, со која професионалните возачи за првпат се признаваат како посебна категорија.
Најсоодветно трајно решение, според Муратовска, би било камионџиите да добијат третман сличен на пилотите и машиновозачите, кои се изземени од новиот електронски систем за влез и излез од Шенген зоната.
