Се зголемуваат субвенциите за привлекување странски туристи
Владата одлучи да се зголеми износот на субвенции за привлекување на странски туристи од Босна и Херцеговина, Србија и Бугарија. Наместо досегашниот износ од 25 евра по донесен турист, новиот износ на субвенцијата е 35 евра по донесен турист. Условите за да се добијат овие субвенции од 35 евра по донесен турист, е туристот да има организиран туристички аранжман во нашата земја од минимум 7 ноќевања, и организирано да пристигне и замине од нашата земја со авионски превоз.
„Зголемувањето на субвенциите за привлекување на странски туристи од овие земји беше и барање на домашната бизнис заедница кое Владата го прифати. Со новиот износ на субвенции се претпоставува, а тоа е базирано на анализи, дека ќе се зголеми значително интересот на туристичките оператори од Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија за организирање на туристи за престој во нашата земја. Направени се и консултации со туристичките оператори од овие земји, и истите велат дека со овој нов износ на субвенции значително се зголемува интересот и економската логика за престој на туристи во нашата земја“, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Поголемиот број на туристи од странски земји, од Владата очекуваат да има позитивен ефект и на приливот на даноци, но и да се оствари позитивен ефект на мултипликација затоа што туристите освен за хотели и сместување, трошат средства и за превоз во земјата, за угостителство, за купување на производи и за задоволување на останати потреби.
„Ова е добар повод домашните туристички агенции уште отсега да почнат контакти со своите босански, бугарски и српски партнери за да организираат деловна соработка на ова поле“, нагласува Ѓорѓиев.
Од 2015 година, субвенции ќе почнат да важат и за привлекување на туристи од 6 нови земји и тоа: Казахстан, Азербејџан, Катар, Германија, САД и Англија. Субвенциите за привлекување на туристи од овие земји ќе изнесуваат по 65 евра по донесен турист, а услов за добивање владина поддршка е престојот на гостите од овие земји во Македонија да биде со најмалку три ноќевања.
Слично
