Економија, финансии, бизнис

Контакт

Се зголемуваат гаранциите за камионџиите

Се зголемуваат гаранциите за камионџиите
Камионџиите во иднина ќе добиваат гаранција во износ од 60.000 евра, наместо досегашните 50.000 долари, за вршење ТИР транспорти од Македонија во меѓународниот сообраќај. Ова се предвидува во Анексот на Договорот за соработка помеѓу Царинската управа и Стопанската интересна заедница за патен транспорт СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ, потпишан денеска. Освен ова, се гарантира и дополнителна безбедност на сите пратки преверзувани со возила со ТИР карнетите и сино белата ТИР ознака. „За економските оператори и превозници тоа значи дополнителна можност бидејќи ќе можат под покритие на ТИР да превезуваат стока со повисока вредност од досегашната, односно, стока за која пресметаните давачки се во висина до 60.000 евра“, појасни директорката на Царинската управа Наташа Радеска Крстевска по потпишувањето на анексот на Договорот. Со  Анексот на договорот се предвидува и електронска ТИР пред-декларација, бесплатна за македонските камионџии, со која се скратува времето на престој на транспортните возила во терминалите и се намалуваат трошоците. ТИР карнетот е меѓународен царински документ, кој се користи во транзитни постапки, како во земјите на поаѓање, така и во земјите на транзит и прием. АМЕРИТ, како здружение на превозници во патниот транспорт,во Македонија е национален гарант и издавач на ТИР карнетите, а Царинската управа врши проверка дали транспортните компании ги исполнуваат условите за нивното издавање.
Слично

Поврзани вести