Се зголемува додатокот за згрижувачки семејства
Додатокот за згрижувачки семејства до 2015 година ќе се зголеми за 25%, најави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, на одбележувањето на Меѓународниот ден на згрижувачки семејства.
Во Македонија има околу 180 згрижувачки семејства кои згрижуваат над 280 деца, од кои повеќето се без родителска грижа, како и деца со пречки во развојот.
„Како надлежно министерство ќе продолжиме да ги поддржуваме нивните активности, во надградба на нивните капацитети и континуирани подобрување на грижата за овие деца, но и зголемувањето на паричната помош“, вели Спасов.
Министерството наскоро ќе започне и кампања „На секое дете му е потребно семејство“, која ќе има за цел да ја подигна јавната свест за улогата, важноста и хуманата димензија на згрижувачките семејства. Кампањата се очекува да го зголеми бројот на згрижувачки семејства и да обезбеди поквалитетни услови за грижа за децата.
Освен ова, се планира воведување на т.н. праид програма, која е интернационално светска признаена програма за едукација на згрижувачките семејства.
