СЕ ЗГОЛЕМИЈА ПЛАТИТЕ ВО ХРВАТСКА: Со кои професии се заработува најмногу?
Просечната нето плата во Хрватска надмина 1.400 евра.
Според податоците објавени од Хрватскиот завод за статистика, просечната нето месечна плата за мај 2024 година изнесувала 1.451 евра, додека бруто платата изнесувала 2.019 евра.
Ова претставува номинален раст од 0,8 oтсто и реален раст од 0,5 отсто во споредба со април.
Во споредба со мај 2023 година, просечната нето плата сега е номинално повисока за 9,6 отсто и реално повисока за 5,9 отсто, откако ќе се земе предвид инфлацијата, која изнесуваше 3,5 отсто на годишно ниво, објави N1.
Медијалната нето плата за мај изнесуваше 1.236 евра, што претставува зголемување од 1,5 отсто во однос на април и зголемување од 10,2 отсто во однос на истиот месец минатата година.
Највисоки просечни плати се забележани кај менаџерите, со просек од 2.935 евра.
Позиции како што се извршни директори можат да заработат до 5.269 евра, додека ИТ и финансиски директори исто така имаат високи плати.
Најниските просечни плати се наоѓаат во текстилната и кожарската индустрија, со само 937 евра месечно. За работни места зашивач и чевлар, платата е 1.100 евра.
Моменталната минимална бруто плата во Хрватска е 970 евра месечно (околу 750 евра нето), што се однесува на помалку квалификувани работни места како што се чистачи, неквалификувани работници и некои текстилни работници.
Највисоките пријавени плати по занимање ги имаат контролорите на летање, чија месечна заработка може да достигне 7.044 евра, по што следат одредени пилоти и виши менаџери.
ИТ професионалците во просек заработуваат 1.874 евра, додека оние во угостителството и туризмот заработуваат просечно 1.287 евра.
foto freepik.com
