Се „замрзна“ имотот на „Алпине Бау“ во Скопје
По одлука на Основниот суд 2 подружницата на австриската „Алпине Бау“ во Скопје доби забрана да располага со имотот и да прави било какви исплати од нејзината сметка. Судот го назначил Ацо Петров за привремен управник на Алпине Бау кој единствено ќе има право да донесува одлуки поврзани со целокупниот имот на подружницата во Македонија.
Според судската одлука се забрануваат секакви исплати од сметките на „Алпине Бау“, а сите нејзини должници се повикуваат веднаш да ги исплатат сите обврски кон подружницата на „Алпине Бау“, во Скопје, објави „Капитал“.
Австриската градежна фирма „Алпине Бау“ прогласи банкрот на 19 јуни годинава заради неможност да исплати обврски кон доверителите од 2,6 милијарди евра. По отварањето на стечајната постапка долговите на фирмата се зголемија на над 4 милијарди евра.
„Алпине Бау“ имаше над десетина проекти во Македонија во вредност од над 30 милиони евра, од кои најголемиот дел во моментов се во застој или за нив се бара нови изведувачи.
Меѓу поголемите проекти се изградбата на 47 регионални и локални патишта, изградба на објектот на Македонската филхармонија, изградбата на новата управна зграда на јавното претпријатие Водовод и канализација, железничката делница Ногаевци-Неготино, плоштадот Скендер Бег, обиколницата во Охрид, како и реконструкцијата на две железнички делници од Коридорот 10.
