Се заканува шок и на пазарот на храна: Војната на Блискиот Исток носи нова економска закана за Европа
Европа се соочува со сè посериозни предупредувања за економска криза предизвикана од војната на Блискиот Исток, при што експертите алармираат дека последиците нема да се ограничат само на енергетскиот сектор, туку ќе се прелеат и врз цените на храната и секојдневниот живот.
Еврокомесарот за енергетика Дан Јоргенсен предупреди дека станува збор за „многу сериозна ситуација без јасен крај“, додека европските лидери сè почесто ја споредуваат кризата со пандемијата и почетокот на војната во Украина.
Главниот проблем произлегува од затворањето на Ормускиот теснец од страна на Иран – клучна рута преку која поминува околу 20% од светската нафта и значаен дел од течниот природен гас. Ова доведе до нагло зголемување на цените на енергенсите и сериозни нарушувања во глобалното снабдување.
Иако Европа директно не зависи во голема мера од оваа рута, цените на нафтата и гасот се формираат глобално, па секој шок веднаш се пренесува и на европските пазари. Цената на нафтата „брент“ веќе надмина 100 долари за барел, со прогнози дека може да достигне и до 190 долари доколку кризата продолжи.
Покрај енергијата, расте загриженоста и за пазарот на храна. Причината е што значителен дел од светските количини на ѓубрива се транспортираат преку Ормускиот теснец, па евентуални долготрајни прекини би можеле да ја намалат земјоделската продукција и да предизвикаат нов бран поскапувања.
- Траењето на конфликтот ќе биде клучно за глобалната безбедност на храната – предупредуваат од Организацијата за храна и земјоделство при ОН.
Кризата веќе се чувствува и во индустријата, транспортот и енергетски интензивните сектори, каде трошоците нагло растат. Во исто време, инфлацијата во еврозоната повторно се зголемува, поттикната од поскапувањето на горивата.
Европската централна банка, предводена од Кристин Лагард, се соочува со тежок избор – дали да ги зголеми каматните стапки за да ја контролира инфлацијата, што би можело дополнително да го забави економскиот раст.
Експертите предупредуваат на ризик од стагфлација – комбинација на слаб економски раст и високи цени, сценарио кое се смета за едно од најтешките за економијата.
Доколку кризата потрае, Европа би можела да се соочи со една од најсериозните економски и социјални закани во последните децении, каде последиците ќе се чувствуваат од индустријата до трпезата на граѓаните.
Србија данас