Се загреа ли доволно албанската опозиција со „правосудниот“ за да нагази со правичната застапеност?
Протестите на студентите во Скопје за полагање на правосудниот испит на албански јазик и нивната поддршка во Приштина и Тирана беа загревање за дејствувањето на албанската опозиција како во земјава, така и во регионот. Но, дали ДУИ, како главна албанска опозициска партија во Македонија, навистина има доволно гориво да „нагази“ пред најавите за носењето на новиот закон за правична застапеност, за кој според нив ќе дојде до „потоп“ и сериозно нарушување на меѓуетничките односи.
Политичката вредност на ДУИ во опозиција е многу помалку видлива и има помала употребна вредност, бидејќи веќе доживеа „порази“ како на парламентарните, така и на локалните избори, односно ВЛЕН се зацврсти како во владината коалиција, така и во клучните општини. Затоа ДУИ се обидува на сите можни начини да го задржи стариот сјај, како единствен застапник и бранител на правата на Албанците во Македонија.
Се формира ли „совршена“ опозициска бура?
Протестите на студентите за правосудниот испит, колку и да беа искрено организирани и поттикнати од група млади луѓе, несомнено беа адут во ракавот на Ахмети. Тоа требаше да се смета како фаза на загревање на опозициското расположение меѓу Албанците во земјава, но наместо крах на владината коалиција се случи сосема спротивното.
ВЛЕН успеа да се консолидира и да формира единствена политичка партија, претставувајќи се како главен актер во понудата на Албанците и нивен застапник во власта. Токму директните разговори со премиерот Христијан Мицкоски за наоѓање решение за правосудниот испит преку Венецијанската комисија помогнаа да се стишат протестите и да се намали прелевањето на незадоволството.
Но, вистинската бура низ која ќе плови владиниот брод треба да биде носењето на новиот Закон за правична застапеност со кој се укинува т.н. балансер, односно злоупотребата на изјавите за етничка припадност при вработување во државната администрација.
Новото законско решение треба да воспостави мерит-систем, односно да се вреднуваат квалитетите на кандидатите на јавните огласи за вработување и да нема промена на етничка припадност од вработување до вработување, како и да се воведат контролни механизми.
Сепак, за челниците на ДУИ ова претставува директна закана за „поништување на духот на Охридскиот рамковен договор“, и како што вели Бујар Османи, потпретседателот на интегративците, ако се донесе законот каков што е сега предложен, ќе следи потоп и сериозно нарушување на меѓуетничките односи.
Можни се нови протести и израз на незадоволството на улиците на активистите на албанската опозиција, но и воопшто подигнување на тензиите преку заострена реторика која може да предизвика нетрпеливост и инциденти меѓу граѓаните и политичките активисти. Дури и кај тие кои воопшто не се упатени, дека причината за ваквото заострување на јавните настапи на политичарите се должи на носење на законско решение, за кое се тврди дека има бројни недостатоци, и го нарушува уставниот принцип на правична застапеност, може да создаде немир.
Крај на „монополот“ на ДУИ или „бланко чек“ за ВЛЕН?
ДУИ владееше повеќе од 20 години и го имаше главниот збор во кадровската политика, додека одредени институции беа претворени во нивни неформални „штабови“ наполнети со партиски војници, без притоа да се почитуваат стандардите за вработување врз основа на определени критериуми, што создаде и незадоволство кај граѓаните поради ниското ниво на јавни услуги.
Кршењето токму на тој „монопол“ е меѓу останатите причини поради кои се очекува пожестока активност на опозицијата, но и можност за владејачката ВЛЕН да понуди контрааргументи.
Исто така фокусот на протестите во Албанија против изградбата на хотелски комплекс на зетот на Доналд Трамп ќе го повлече вниманието на Еди Рама кој инаку важи за еден од главните сојузници и поддржувачи на Али Ахмети во Македонија, па така и можноста за „регионализација“ на прашањето околу „балансерот“ се чини малку веројатна во овој момент.
Новото решение исто така не смее да биде ниту „бланко чек“ за политиките што ги спроведува ВЛЕН, односно замена на еден критикуван механизам, но само во ново руво.
Дали коалицијата ќе ја преживее претстојната „бура“ зависи од тоа дали ВЛЕН ќе успее да докаже дека е вистински реформски навигатор што ќе придонесе за воспоставување на мерит-системот, или пак ќе му дозволи на Ахмети револтот да го искористи за политички камбек.
Х.С.