Се забранува осомничени во случајот „Еразмус“ да предаваат
Четворица осомничени во случајот „Еразмус“ не смеат да предаваат.
Б.Ш, Д.Ј., С.Р. и Љ.Ј. заработија мерка претпазливост и забрана за преземање определени работни активности.
Пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, вчера беа повикани шесте лица заедно со нивните полномошници и јавниот обвинител за да се произнесат во врска предложената мерка, соопштија денеска од Кривичниот суд.
„Во текот на сослушувањето обвинителот за две лица го повлече прелогот за опредлување мерка за претпазливост, додека по ценење на причините поради кои е поднесен предлогот за преостанатите 4 лица, судијата на претходна постапка донесе одлука со која го прифати предлогот на обвинителството и на Б.Ш, Д.Ј., С.Р. и Љ.Ј. им определи мерка за претпазливост од член 146 ст. 1 т. 7 – Забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, а која мерка ќе трае додека постои потреба, а најдолго до правосилност на пресудата“ - наведуваат од судот.
На овие решенија, странките имаат право на жалба до Кривичниот совет при овој суд.
Забраната ќе трае додека постои потреба, а најдолго до правосилност на пресудата.
Тие се товарат дека сториле повеќе коруптивни дела како „примање поткуп“, „примање награда за противзаконито влијание“ и „давање поткуп“.
