СЕ ЗА НОВИОТ ЛЕК КОЈ ПРИСТИГНА ВО СРБИЈА - спречува тешки форми на ковид, а можат да го примат три категории граѓани
Вториот лек пристигна во Србија, покрај лекот „бамланивимаб“ од групата на неутрализирачки моноклонални антитела.
Станува збор за 20.000 дози „регенерон“ што се применува кај пациенти со лесна и умерена форма на болеста, изјави за Танјуг Јована Миловановиќ, директор на Секторот за лекови во Републичкиот фонд за здравствено осигурување.
Од српскиот Фонд објаснуваат дека лекот се дава во првите 10 дена по појавата на симптомите кај оние пациенти кои имаат зголемен ризик да развијат потешка форма на болеста и да завршат на болничко лекување, пишува Телеграф.
„Тоа се кардиоваскуларни пациенти, дијабетичари и дебели пациенти“, вели Миловановиќ, а пренесува Блиц.рс.
Лекот се дава еднократно во форма на инфузија и не се користи кај веќе хоспитализирани пациенти.
„Ковид позитивната личност, по едночасовната инфузија, се враќа дома на лекување и по препорака на лекарот потоа се јавува за контрола“, вели Миловановиќ.
Таа посочува дека интензивно се следат ефектите од употребата на нови лекови, а она што го покажуваат истражувањата од други земји е дека овие лекови покажале одлична ефикасност.
„Кога зборуваме за лекот бамланивимаб, 95 отсто од пациентите кои го примиле лекот не развиле тешки форми на болеста и не биле хоспитализирани“, вели Миловановиќ.
Таа додава дека лекот регенерон, кој пристигна во Србија, спаѓа во истата група на лекови како бамланивимаб, и тој делува така што се врзува за делот од вирусот што влегува во нашата клетка, а со тоа го спречува ширењето на вирусот.
Досега 138 пациенти во Србија го примиле лекот бамланивимаб и се покажал како ефикасен кај нив, заклучува Миловановиќ.
