Се врати Субрата Рој: Вљубен сум во Македонија
Со два приватни авиони, во придружба на својот син како и на менаџерите на компанијата “Сахара Индија Паривер”, индискиот мултимилјардер Субрата Рој, денеска се врати во Охрид.
Членовите на бизнис делегацијата ќе бидат сместени во три различни хотели. Хотелот „Славија” , кој во февруари го купи Субрата и хотелите „Гранит” и „Инекс Горица”.
„Јас се вљубив во оваа земја, затоа сум тука. Ја сакам за бизнис, но и за престој. Овој пат со мене има голема делегација. Многу одлуки треба да се донесат, многу работа треба да се започне. Мислам дека работите веќе се созреани, повеќе созреани за бизнис напредок. Можам само да кажам дека ние сме тука со големи планови и големи амбиции, но се во свое време“ изјави Субрата Рој веднаш по слетувањето.
Рој утре изутрина ќе го посети Љубаништа, односно местото каде планира да го изгради еден од десетте најлуксузни туристички комплекси во светот.
Во петок тимот на групацијата „Сахара Индија Паривер” ќе остварат средба со министерот за финансии Зоран Ставрески, а в сабота ќе се сретнат и со премиерот Никола Груевски. Субрата Рој ќе присуствува и на отворањето на фестивалот „Охридско лето” како гостин на претседателот Горѓе Иванов.
Во сабота на плажата пред хотелот “Славија” индискиот бизнисмен ќе организирана свечена вечера, на која е предвидено да настапат индиски музичари.
Според првичните најави до 2020 година во атарот на селото Љубаништа на вода и копно ќе никнат елитни хотели, апартмани, казина, и спортско рекреативни објекти.
