СЕ ВРАЌА ЛИ НЕЛИКВИДНОСТА ВО БИЗНИСОТ: Под блокада скоро 44 000 компании!
Расте бројот на фирми со блокирани сметки. Во меѓувреме, дел од бизнисмените побараа итни законски измени со кои ќе се зајакне наплатата на побарувањата што ги има приватниот од државниот сектор. Дали повторно се отвора прашањето во каква ликвидносна состојба е бизнисот?
Расте бројот на блокирани фирми ..
Од почетокот на годината, заклучно со јули, незапирливо расте бројот на фирми што имаат блокирани сметки. Најновите податоци на Народната Банка покажуваат дека во седмиот месец од годинава под блокада биле 43 713 фирми. Во споредба со јануари, оваа година бројот на блокирани компании се зголемил за 1 517 новоблокирани. Само за четири години, бројот на новоблокирани фирми се зголемил за 6 358 . Еве како се движеше динамиката на пораст на бројот на блокирани фирми:
2012 37 355
2013 39 123
2014 42 595
2015 43 713
Не само што се зголемува бројот на блокирани фирми, туку расте и бројот на блокирани сметки што ги поседуваат фирмите. Така, заклучно со јули имало 68 001 блокирана сметка во приватниот сектор. Во споредба со јули, 2012 та година, бројот на блокирани сметки се зголемил за 10 360.
Во прватниот сектор, блокирањето на сметките на фирмите е врз основа на извршни решенија за наплата на долгови. За да се зголеми ликвидноста во бизнисот, Владата усвои две законски решенија: Закон за задолжница и Закон за финансиска дисципплина. Двете решенија ги утврдуваат правилата за наплата на побарувањата во бизнисот, но се различен третман се побарувањата што ги има приватниот сектор од државата.
Дел од бизнисмените бараат рамноправен третман со државата..
Министерството за правда го доби предлогот на стопанствениците од Стопанската комора на Македонија, со кои се бараат дополнувањана Законот за извршување за, како што посочија, да се подобри наплатата на побарувањата од државниот сектор. Од Владата велат дека доставениот предлог најпрво треба да биде разгледан од ресорното министерство.
“Откако министерството ќе го добие предлогот, треба да го разгледа и доколку оцени дека има причина и можност за законски дополнувања, треба тоа да го достави до Владата, односно да инфрмира за тоа“, велат од Владата.
Од Стопанската комора на Македонија, побараа итни законски измени со кои, како што посочија, јавниот сектор нема да биде повластен во однос на приватниот бизнис.
“Компаниите, од една страна, се должни да ги сервисираат сите свои долгови, а од друга, иако имаат законска можност, не можат да си ги наплатат побарувањата“, изјави Елена Милевска-Штрбевска од Стопанската комора на Македонија.
Имено, од таму бараат дополнување токму на член од Законот за извршување, бидејќи сметаат дека со сегашното решение државата е во повластена состојба кога се работи за нејзините долгови.
“Иако целта на оваа одредба е да се заштити навременото и целосно извршување на задачите на државата и нејзините органи, општините и јавните претпријатија, што го поддржува и деловната заедница, начинот на кој се применува оваа одредба доведува до ризик од неликвидност за доверителите – правни лица, кои стапуваат во правни односи со овие субјекти. Доверителите, покрај ненаплатеното побарување, се изложуваат и на дополнителни трошоци во постапките, а од друга страна, доколку тие се најдат во истата ситуација и спрема нив се спроведува присилно извршување, тогаш одговараат со сите предмети и права вклучувајќи ги и парите на сметките. На овој начин, приватните и субјектите од јавниот сектор се во нерамноправна положба“, велат од Стопанската комора.
Според инфрмации на “Фактор“, сегашното законско решение веќе направило проблем на бројни фирми кои сакале да си ги наплатат побарувањата.
“Овие случаи, иако имаат судска разрешница за присилна наплата, фирмите тоа не можат да го спроведат, одноосно не можат да си ги наплатат побарувањата од локалните власти, државите институции или јавните и државните фирми, бидејќи сегашното законско решение им дава можност за изземање, односно државните фирми можат да си продолжат со нормално функционирање, да делат плати, да спроведуваат набавки, иако имаат долгови а од друга страна не може да им се одземе имот или друг вид на средства“, коментираат познавачите.
Под притисок на дел од бизнисмените, Владата ја укина задолжителноста на инструментот Задолжница, со кој се предвидуваа рокови за меѓусебните наплати во приватниот сектор, но не и за државата. Законот за финансиска дисциплина пак, за побарувањата од државата предвидува флексибилни рокови додека за приватните фирми тој веќе е на сила и се применува.
Р.Ф.
Слично
