Се трага по преживеани во авионската несреќа – најдено е тело
Спасувачки екипи трагаат по преживеани од падот на авионот во катлановско Кожле, а неофицијално најдено е едно изгорено тело.
Полицијата засега не пушта никого да се приближи до местото каде паднал авионот.
Во 17.40 часот денеска попладне авионот „Пајпер“ бил изгубен од радарот на контролата на летање на скопскиот аеродром. Авионот со германски регистрации полетал од италијанскиот град Тревизо, а во Скопје бил пријавен за дополна на гориво.
Авионот имал место за шест патници, но не се знае колку патници имало во авионот при полетувањето од Тревизо.
Локалните жители слушнале експлозија и случајот го пријавиле во полиција.
Јавното обвинителство презема дејствија за расветлување на авионската несреќа.
„По добиените сознанија, обвинителството во координација со надлежните институции презема мерки за утврдување на местото на несреќата, негово обезбедување и натамошно постапување. Истовремено се прибираат податоци и релевантни факти во насока на утврдување на причините за несреќата“ - стои во соопштението од обвинителството.
Со подетални информации јавноста ќе биде дополнително запознаена, се наведува во соопштението.
