СЕ СЛУШНА ГЛАСОТ НА НЕКОГАШНИОТ МИНИСТЕР СТАВРЕСКИ - кажа во судница како се преговарало со кинеската банка за автопатиштата
Многумина се прашуваа каде е и што прави поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески.
Долго време го немаше со јавноста, практично откако претстана да ја врши функцијата прв финансиер, која ја имаше во претходната влада на Никола Груевски.
Тој за прв пат по неколкугодишно отсуство се огласи, но тоа се случи вчера во судницата, каде сведочеше во процесот Траекторија.
Всушност, како што пренесе Слободен печат, тој изјавил дека автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид биле меѓу приоритетите на Владата на Македонија и подого време се барал начин за реализација, а во 2012 година кинескиот премиер најавил повластени кредити за земјите од Југоисточна Европа.
„Тогаш започнавме да собираме информации како може Македонија да добие сретства. Се обративме до Ексим банката и тие ни ги соопштија нивните услови и што сè е потребно како документација. Услов за реализација на кредитот беше проектите да се реализираат преку кинески фирми“, изјавил во судница за процесот Траекторија Ставрески.
Според него, тогашната власт успеала да издејствува подобри услови од почетните со каматна стапка од 2 отсто и наместо 15, добиле рок на отплата од 20 години. Тој рекол дека преговорите за каматните стапки и временските рокови за финансирањето ги водело Министерството за финансии, а преговарале со Ексим банката преку која се вршело финансирањето.
Откако се добила информација дека ќе се добијат бараните пари, започнала потрагата по кинеска фирма која ќе ги изградува двата автопати Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.
Потоа се преговарало со фирмата, а во тоа поглавје, тој не бил вклучен.
Ставрески нагласи дека бил информиран дека е избрана фирма и дека потоа можело да се аплицира за кредит во Ексим банката.
Прашан дали имало негативна реакција по одредени предлози од тогашниот премиер Никола Груевски, екс министерот рекол: „Да. Му укажавме на премиерот дека без Собранието да донесе Закон за задолжување не може да се потпише договор за избор на фирма. На ист став беа и Јанакиески и Пешевски. Премиерот се согласи со нашето укажување“, рече Ставрески.
