Се ситнат парите од третата бескаматна кредитна линија: Кој стаса до пари?
Нова група од 337 кредитни барања е одобрена од третата бескаматна кредитна линија со грант компонента, која се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија, преку активноста ЕУзаОтпорност од ИПА програмата, соопштуваат од Развојна банка.
Вкупно досега, од кредитната линија за која се предвидени средства до 31 милион евра, се одобрени 2.459 кредитни барања, на вкупен износ од 27,9 милиони евра, кои ги исполниле условите од јавниот повик објавен на 7-ми декември 2020 год.
Според структурата на досега одобрените кредитни барања, 1.307 кредитни барања се од мали компании, 945 барања од микро компании, 157 кредитни барања од трговци-поединци и 50 кредитни барања се од занаетчии.

Од Развојната банка велат дека најголем дел од одобрените 2.459 кредитни барања, доаѓаат од Скопскиот регион,
и тоа 31 отсто, а по него следат Полошкиот
регион со 15 отсто, Југозападниот регион и Југоисточниот регион со по 12 проценти. Следни се Источниот и
Пелагонискиот регион со десет отсто од одобрените кредитни барања, додека од
Вардарскиот и Североисточниот регион се 5 отсто од одобрените кредитни
барања.

„Кредитните барања се обработуваат хронолошки, според времето на пристигнување, согласно Јавниот повик и информациите наведени во него. Одобрувањето на кредитните барања ќе се врши во групи, сè додека не се исцрпат расположливите средства од Фондот за микро и мали претпријатија, стои во објавата.
