СЕ РЕДАТ ВЛАДИНИ СУБВЕНЦИИ ЗА СТРАНЦИТЕ: Кога ќе се разговара за македонските плати кај инвеститорите?
Субвенциите што од државата ги добиваат странските инвеститори во земјава, остануваат строго чувана тајна. Никој во Владата, и надлежните институции не обелоденуваат колкави субвенции и во која форма им се одобрени на странските инвеститори.
Со оглед на тоа што податоците за државните субвенции се чуваат како тајна, аналитичарите долго време алармираат дека не може да се анализираат ниту ефектите од државната помош што странските компании ја добиваат во слободните економски зони, односно да се види колкав е бројот на отворени работни места, потоа квалитетот на работните места (висина на плата, работно време, сигурност на работно место и сл), како и тоа колку тие странски инвестиции придонеле за создавање на индиректни работни места на локално ниво покрај директно создадените работнии места.
Иако сумите на државна субвенција за јавноста се непознати, сепак дел од експертската фела, сепак смета дека директната поддршка што Владата ја дава на странските компании воопшто не е за занемарување, а како посебен проблем се нагласува тоа што таа се реализира нетранспарентно, се користат различни буџетски ставки поради што е особено тешко да се утврди колку пари досега се потрошени за овие странски инвеститори кои работат во слободните економси зони.
„Странските инвеститори во изминатите години постојано се глорифицираат од страна на носителите на економските политики и тие се претставуваат до степен на „светиот грал” за економијата, иако во научна литература постојат помешани ставови за нивните позитивни ефекти во транзиционите земји.
Притоа, за да се привлечат странските инвеститори се користат различни типови на привилегии, од даночни ослободувања, па се до директна финансика поддршка за големи странски компании, со што се ставаат странските инвеститори во многу поповолна положба од домашните инвеститори. А дел од светските економистите на овој процес гледаат како на замена на матната приватизација од почетокот на транзицијата со нов начин на продажба на продуктивните капацитети во економијата на странци, кои добиваат значајно, а во некои сектори и доминантно учество на пазарот, вели во својата анализа универзитетскиот професор Драган Тевдовски.
Техникал Текстајлс со фабрика во Штип – субвенциите тајна
Државната помош што земјава ја дава на странските компании во зоните повторно се актуелизираше, откако вчера во слободата економска зона се отвори нова фабрика, Техникал Текстајлс, за производство на градежни материјали, бродски, авионски, како и делови за ветерници.
Менаџментот на компанијата вели дека квалитетот на кадарот, бил пресуден што се одучиле да инвестираат во Штип, а не финсиските субвенции од државата.
„Во споредба со другите земји, кои исто така даваат субвенции, македонските субвенции и не беа така високи. Меѓутоа, направивме анализа и видовме дека тука има работљубив народ, утврдивме и дека квотата на невработеност е доста висока, а тоа значи дека има доволен број на стручен кадар што може да се ангажира во производствто“ – изјави Јинс Виндланд.
Сепак, тој не прецизираше какви финансиски субвенции од државата очекуваат, но псочи дека „Техникајл текстајлс“ треба да вработи најмалку триста работници за да добие одредена финасиска поддршка од државата и уште еднаш повтори дека тоа не било пресудно во одлуката за инвестирање.
Дополнително, Виктор Мизо, директор на ДТИРЗ изјави дека финансиските субвенции ќе следат по вработувањето на триста работници.
Инаку, како даночни олеснувања што државата ги нуди на странските компании во слободните економски зони се:
· 10 ГОДИНИ ДАНОЧНИ ОСЛОБОДУВАЊА – Инвеститорите во ТИРЗ се ослободени за период од 10 години од плаќање на данок на добивка и 100% се ослободени од персонален данок на доход за период од 10 години, така што ефективната стапка на персоналниот данок на доход изнесува 0%.
• Земјиштето во ТИРЗ во Република Македонија се дава под долгорочен закуп за период до 99 години.
• Инвеститорите се ослободени од плаќање на надомест за уредување на градежното земјиште кон единиците на локалната самоуправа, како и од надоместоци за добивање на градежни дозволи.
• Бесплатен приклучок за гасовод, водоводна и канализациона мрежа.
• Владата на Република Македонија учествува во трошоците за градба на корисниците во ТИРЗ во висина до 500.000 евра, во зависност од бројот на нови вработувања и висината на инвестицијата на корисникот.
На прашањето упатено до Мизо, дали во преговорите со идни странски инвеститори, државата ќе побара повисоки плати за вработените, Мизо изјави дека за платите државата не може да преговара.
„Државата не може да ги контролира платите. Цената на трудот ја креира пазарот. И нормално двете страни треба да најдат сума која е задоволителна за двете страни – и на работодавачот и на работникот. Но, ако гледате од аспект на платите во компаниите кои работат во ТИРЗ-овите, како „Техникал текстајлс“ во однос на платите во Штип, тие плати се повисоки не само од минималната плата, туку и повисоки од просекот во таква или слична индустрија. Дури и повисоки од просекот во производствениот сектор во Македонија. На странските компании многу поважна им е продуктивноста“ – додаде Мизо.
Бурни реакции по изјава на Ван Хул дека добиле 17 милиони евра субвенции за инвестиција од 30 милиони евра
А, Неодамна пак , бурни реакции во јавноста предизвика изјавата на првиот човек на белгиската компанија за производство на автобуси Ван Хул, што работи во земјава. Првиот човек во компанијата, Филип Ван Хул, во интервју во Холандија, обелодени дека за инвестицијата во Македонија која чинела 30 милиони евра, тие од македонската влада добиле субвенции од 17 милиони евра.
„Веќе не правевме профит во Белгија. Моравме да го спасуваме VAN HOOL. Го направивме тоа преку нашиот бренд во Македонија“, изјави Ван Хул При тоа тој потенцира дека во Скопје инвестирале вкупно 30 милиони евра, но 17 милиони евра биле субвенција од Владата на Македонија.
Оваа изјава, кај македонската јавност и бизнис ешалонот предизвика негодување, а дел од домашните бизнисмени регираа дека владата не смее постојано да биде насочена кон привлекување на странските инвеститори туку многу поголема грижа треба да се води за домашните компании.
Дополнителен револт, од изјавата на Ван Хул, беше и тоа фактото дека тој отворено посочи оти клучот на успехот во Македонија е во ниските трошоци , особено платите за вработените.
„Платите во фабриката Конингшокт, Белгија изнесуваат 40 евра за час, во Скопје се помалку од 4 евра.Тоа прави разлика во цената на изработка на еден автобус од 55 илјади евра“.Така е спасена Ван Хул. Од компанија со долгови сега повторно прават профит.Имаме продажба од 100 милиони евра екстра преку Македонија. За некоја година се надеваме ќе станат 200 милиони. Целиот Холдинг за 2013 достигна обрт од 456 милиони евра“ вели Ван Хул.
С.Н.
Слично
