Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЕ ПРОДАВА КВАРЦЕН КАМЕН ОД РАНКОВЦЕ, ОДЗЕМЕН Е ОД НЕКОЈ КРИМИНАЛ – почетна цена е 25 илјади евра

СЕ ПРОДАВА КВАРЦЕН КАМЕН ОД РАНКОВЦЕ, ОДЗЕМЕН Е ОД НЕКОЈ КРИМИНАЛ – почетна цена е 25 илјади евра

Денеска ќе се продава кварцен камен од општина Ранковце, по почетна цена од 25 илјади евра. Продавач е Агенцијата за управување со одземен имот со која раководи Фатон Асани, а огласот бил распишан на 29 декември минатата година, додека, пак, траел до 05 јануари годинава, а имало и разгледување на предметот што се продава.

Заинтересираните страни за учество во аукцијата требало да уплатат депозит од 10 проценти од почетната вредност на рудата, што е рамно на околу 2.500 евра.

Дали имало заинтересирани за купување на оваа руда ќе се знае веќе на денешното наддавање, и кој и по која цена ќе го купи кварцниот камен од Ранковце. Ова е прво наддавање за овој одземен имот.

„Врз основа на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, а во врска со Правилникот за постапување со одземен имот, и согласно донесената Одлука за отпочнување на постапка за продажба на одземени подвижни предмети донесена од страна на Управниот Одбор, Агенцијата за управување со одземен имот објавува оглас за продажба на одземени подвижени предмети минерална суровина – кварцен камен на прво јавно наддавање по електронски пат“, навеле во огласот од Агенцијата.

Оттаму се прецизираат и спецификите на кварцниот камен што бил одземен од некои нелегални активности, за кои не се прецизира кои се, при што се наведува дека станува збор за кварцен камен од општина Ранковце од 2.470 тони, при што вредноста на еден тон во денари е 618 денари иоли 10 евра. Вкупната проценета вредност на целиот кварцен камен што се продава е 1,53 милиони денари или околу 25 илјади евра. Треба да се уплати 10 отсто од вредноста како почетен депозит или близу 2.500 евра, се вели во објавениот оглас.

Продажбата ќе се изврши со јавно наддавање по електронски пат, со почетна цена утврдена врз основа на проценка од овластена куќа, а цената, како што се вели, е без пресметан ДДВ. 

Инаку, како што стои во огласот, купувачот е должен по завршувањето на електронското јавно наддавање, постигнатата цена да ја уплати веднаш,а доколку фирми се купувачи им се пресметува дополнително ДДВ на вкупната цена. Предметот се презема веднаш по заклучувањето на јавното електронско наддавање и уплатата на постигнатата цена. Сите трошоци во врска со преземањето на подвижните предмети од локацијата на која што се сместени, паѓаат на товар на купувачот. 

Право на учество на јавното електронско наддавање имаат сите заинтересирани физички и правни лица, освен осуденото лице или лицето против кое се водела кривичната или прекршочната постапка, вработените во Агенцијата за управување со одземен имот, како и друго лице кое службено учествувало во постапката за продажба.

На понудувачите чија понуда не е прифатена, депозитот им се враќа веднаш по заклучувањето на јавното наддавање. За најповолен понудувач ќе се смета учесникот кој последен ја наддал почетната цена и која е највисока цена. Јавното наддавање нема да се одржи доколку се јави само еден понудувач. Понудувачот кој ќе постигне највисока цена станува сопственик на подвижниот предмет и е должен цената да ја уплати веднаш по заклучувањето на јавното наддавање намалена за положената гаранција. Доколку купувачот не ја уплати цената во рок од 15 дена, ќе се смета дека се откажал и уплатената гаранција ќе служи за покривање на трошоците на јавното наддавање.

Нема подетални информации каков е тој кварцен камен што го продава Агенцијата за управување со одземен имот и од кои криминални активности. На интернет не можат да се најдат детали за такви акции на МВР или на Обвинителството.

Единствено на интернет може да се најде еден медиумски текст од 2019 година, дека „во Ранковце се собира и бесправно се дистрибуира кварцен камен кој се претопува и смесата од феросилициум се користи за изработка на делови за артилерија и автомобили, како и за воздухопловни превозни средства.

Инаку, и тоагш заработката била по 600 денари од тон, колку што сега се продава кварцниот камен, а дневно се собирале стотици тони кварц во Ранковце.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести