Се продава имотот на рудниците Злетово и Тораница
Имот на рудниците Злетово во Пробиштип и Тораница во Крива Паланка е понуден на продажба.
Огласот за продажба е објавен откако пред неколку недели Апелацискиот суд во Штип ја потврди одлуката на првостепениот суд за поништување на хипотеката која беше ставена на десет месеци пред прогласување на стечајот од страна на поранешниот концесионер индиската компанија Индо минерали и метали. Проценетата вредност на имотот на двата рудника е повеќе од 7 милиони евра.
Заинтересираните компании огласот можат да го видат на веб страницата на Централен регистар на Република Македонија.
Во огласот стои дека право на учество на продажбата имаат домашни и странски компании кои имаат концесија за експлоатација на олово-цинкова руда на територијата на Република Македонија.
Заинтересираните најдоцна до утре треба да уплатат депозит од 10 проценти од проценетата вредност на имотот или околу 750.000 евра.
В петок на 24 јуни ќе се одржи електронската продажба.
