Се повеќе туристи ја посетуваат Македонија
За само 10 месеци во 2013-та бројот на туристи во земјава се зголемил за 6%, а за 15 % се зголемил бројот на странски туристи. Надлежните го објаснуваат растот со субвенциите и најавата за отворање на туристички зони, поголемата промоција, зголемувањето на бројот на авионски летови до нови дестинации, организираните чартер летови и субвенциите за тур операторите во висина од милион и 156 илјади евра.
Министерот за економија Ваљон Сарачини за 2014 година најави амбициозна програма за промоција на Република Македонија во светот.
- Ова е досега најамбициозната програма донесена од Владата на Република Македонија. Износот на субвенции за 2014 година изнесува 155 милиони денари, што е речиси двојно повеќе од 2013 година, потенцира Сарачини.
Македонија ќе биде претставена во повеќе од 15 светски дестинации. Ќе се организираат и т.н. роуд шоуа само во делот на туризмот каде ќе има средби со туроператори, туристички агенции и работници во областа на туризмот. На средбите ќе бидат претставени можностите за привлекување туристи и можностите за инвестирање во туристичките развојни зони во Република Македонија.
Веќе наредната недела земјава како туристичка дестинација ќе се промовира на саемите во Утрехт и Виена, а следат и Брисел, Милано, Москва, Лондон, Токио и други. Дополнително, на граничните премини ќе се делат информативни туристички флаери на транзитните патници, а со 200 илјади долари ќе се обучуваат и едуцираат туристичките работници. Сите овие активности треба да придонесат за континуиран раст на бројот на туристи, а туризмот да стане значаен дел од економијата кој ќе учествува со 5% во брутодомашниот производ.
Слично
