Се повеќе Балканци ги негуваат старите Германци
Бројот на странски негуватели на стари лица во германското здравство од 2013 година досега се зголемил двојно. Од Балканот во оваа бранша се вработени 18.000 луѓе.
Во 2017 година во германското здравство биле вработени 128.000 негуватели од странство, стои во одговорот на Министерството за здравство на прашање на пратеничката група на АфД кој го објави „Пасауер нојен пресе“. Кон тоа треба да се додадат и околу 6.000 странски негуватели кои заработуваат под 450 евра месечно, а кои се категоризираат посебно. За споредба: во 2013 година бројот на вработени странски негуватели бил 74.000.
18.000 негуватели доаѓаат од балканските држави, речиси 7.000 од источноевропските земји, а 3.500 негуватели потекнуваат од земји од каде доаѓаат баратели на азил.
Политичарот на АфД, Штефан Бранднер, за „Пасауер нојен пресе“ вели дека би требало да се отстранат бариерите за вработување негуватели од странство. „Ако странски негуватели сакаат да дојдат на работа во Германија, тогаш треба да се отстранат непотребните бариери и треба да се даде поддршка на нивниот ангажман“, вели тој. Според Бранднер, незадоволително е тоа што многу претпријатија не можат да вработат странски работници поради тоа што постојано се судираат со бирократски пречки, како што се условите за виза.
