Се поставуваат цевки за парно за битолчани
АД ЕСМ денеска започна со поставувањето на цевките од топловодот од РЕК Битола до Битола, кој ќе обезбеди топлинска енергија и за Новаци и Могила од проектот Топлификација за овие три населени места.
Првите цевки се поставени на излезот од РЕК Битола кон Новаци, и тие треба да ја прифаќаат топлинската енергија која се создава како нус производ во текот на производството на електрична енергија и да ја спроведуваат во системот за парно греење на трите општини.
„Изведувачите на работите, фирмите Рапид Билд и Гранит во оваа фаза имаат трасирано повеќе од два километри од топловодот, обезбедувајќи работен простор за машините кои ги транспортираат и поставуваат цевките“, информира ЕСМ.
Проектот е во вредност од 46 милиони евра, од кои 39 милиони се кредит од германската KfW банка, а 7 милиони се средства на АД ЕСМ. Рокот за изведба на проектот е две години.
„Согласно планот, на почетокот на топлификацијата ќе се приклучат 35 општински и државни институции во Битола кои ќе искористат една третина од капацитетот на системот. Со другите две третини ќе се задоволат потребите на големите станбени и деловни згради и на индивидуалните куќи во Битола, Новаци и Могила.
Топловодот дополнително ќе даде можност и за загревање на земјоделски оранжерии, со што ќе се обезбеди поддршка на развојот на земјоделството во пелагонискиот регион“, соопшти компанијата.
Слично
