Економија, финансии, бизнис

Контакт

Се помалку корисници на субвенцијата за покривање на комуналните трошоци во Куманово

Се помалку корисници на субвенцијата за покривање на комуналните трошоци во Куманово

Според податоците на секторот за социјална заштите од општина Куманово, 1.280 лица ја  користат општинската субвенција за покривање на комунални трошоци за потрошена вода и изнесување смет.

- Последниве шест месеци се забележува  намалување на бројката на корисници на оваа субвенција, бидејќи дел од нив веќе не се корисници на социјална парична помош, што е еден од условите за користење на општинската субвенција, дел од нив добиле пензија, а дел наоѓаат вработување. Првично субвенциите ги користеа  околу 1800 лица, вели раководителот на секторот за социјална заштита Жика Крстевски.

Како што информираат надлежните од секторот, најголем дел од корисниците се евидентирани во Центарот за социјални работи како корисници на  социјална парична помош, а помал дел односно една третина се стечајци.

Од буџетот на општина Куманово за оваа програма за тековната година одвоени се околу деветнаесет милиони денари. Субвенцијата е во вредност од 1.200 денари од кои 900, за потрошена вода и 300 денари за изнесување на смет. За да може да ја користат оваа субвенција, лицата мора да се корисници на  услугите на двете јавни претпријатија  „Чистота и Зеленило“ и „Водовод“.

Слично

Поврзани вести