СЕ ПОДОБРУВААТ РУСКО-ТУРСКИТЕ ОДНОСИ: Нема веќе рестрикции за увоз на храна
Русија ги укина рестрикциите за увоз на храна од Турција.
Одлуката потпишана од премиерот Дмитри Медведев и објавена на владината интернет страница денеска, предвидува укинување на забраната за увоз на мисирки, кокошки, краставици, јаболки и други земјоделски производи од Турција.
Од 1 јануари 2016 година поради влошувањето на политичките односи, Русија воведе забрана за увоз на серија земјоделски производи од Турција.
Ова е последен чекор за подобрување на односите меѓу двете земји кои беа сериозно нарушени пред две години.
Рускиот претседател Владимир Путин на 31 мај ја укина забраната за ангажирање на турски работници и фирми. Москва воспостави санкции за увоз на храна од Турција откако турски авиони соборија руски воен авион во ноември 2015 година, кај границата со Сирија, каде што двете земји се на различни страни во граѓанската војна. Но, Путин и турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган направија неколку чекори за подобрување на односите.
