Се отвори темата ако може Донбас и Луганск да се приклучат на Русија, зошто Косово да не се обедини со Албанија
Ако Донбас и Луганск се приклучат на Русија, зошто Косово да не се обедини со Албанија, вели албанскиот аналитичар, Бен Блуши.
Тој оценува дека настаните што се случуваат во Украина и напорите за воспоставување нов меѓународен поредок може да им помогнат на Косово и Албанија да се обединат.
Вели дека Косово има само еден излез од неволјите на една многу мала земја, без море, со скромна економија, со многу емиграција и со толку голем граничен притисок од сите страни, а тоа е да се приклучи кон Албанија.
„Поголема земја со 5 милиони жители, со море и со дијаспора од речиси 3 милиони, која би била поттикната од националното единство, би била моќна земја, а не само почитувана. И не само на Балканот. Ако Донбас и Луганск се приклучат на Русија, зошто Косово да не и се приклучи на Албанија“, пишува Блуши.
Според него кога Русија бара независност, за Донбас и Луганск, две украински територии со мнозинско руско население, тој како пример го „земал насилното отцепување на Косово од Србија“.
Поранешниот албански пратеник вели дека од друга страна, кога западот бара да го заштити важечкиот ригиден меѓународен поредок, според кој повеќе не треба да има промени на границите, го зема за пример Косово.
Во објавата на Фејсбук вели дека денес е „време да растеме, да се прошириме, да се обединиме и дека е време да станеме Европејци“.
Овие денови актуелна тема во регионот е и вооружувањето на Србија.
