Се отвори новиот Бит-пазар, цените за закуп на тезгите остануваат исти
Со пуштање во употреба на обновените и новите капацитети, Скопски пазар ја реализира развојната инвестициска програма на Бит пазар. Бит пазар доби модерен изглед и стана мултифункционален центар. Со реконструкцијата зголемени се капацитетите и функционалноста на пазарот, а вклучува 630 тезги, 175 локали и 220 паркинг места. Вредноста на целосната инвестиција е 250 милиони денари.
„Со оваа инвестиција се комплетира обемната развојна инвестициона програма и претставува квалитативно менување на функционалноста и изгледот на Бит пазар во еден современ стопански пазаришен центар. При исполнување на зацртаната цел, ова што денес го гледаме тука, приоритетно ни беше со ефективно искористување на овој и така атрактивен деловен простор, да создадеме центар кој ќе ги задоволи потребите на купувачите и корисниците. Постигнавме значајно зголемување на понудата со добра и услуги на пазарот, притоа овозможувајќи комплетни услови за лесно достапно и безбедно пазарење. И ова е само почеток на обемниот инвестициски циклус, со кој ќе го обележиме големиот јубилеј 70 години Скопски пазар АД Скопје”, истакна Младен Дамев, Генерален директор на Скопски пазар.
Бит-пазар повеќе нема да биде импровизиран пазар без паркинг, рече денеска првиот вицепремиер Артан Груби, на отворањето на новата инвестиција на Скопски пазар АД Скопје, кој целосно го реконструираше едно од најголемите места за трговија во главниот град.

„Со новиот изглед и зголемениот капацитет, реновираниот центар Бит-пазар прераснува во најголемиот пазар во државата.
Ова е заедништво, Скопје е едно за сите, и левото и десното, сепак наше, а не наше и ваше. Петре и Висар градат заедништво и иднина, а не минато.До сега Би-пазар функционираше импровизирано без отворен паркинг. Модерно, чисто, средено место за пазарување. Ова е тоа што им се нуди на нашите граѓани, а тоа го заслужуваат“, рече Груби.
Во реконструкцијата се вложени 250 милиони денари, а ќе има 630 тезги,175 локали и 220 паркинг места.
Генералниот директор на Скопски пазар АД Скопје, Младен Дамев, рече дека цените за закуп ќе останат исти.
- По 4.500 денари месечно ќе биде за тезга, а дополнителна сума ќе се плати за истата доколку има претпростор. Локалите во просек ќе се издаваат за 250 евра месечно, откри Дамев.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, наведе дека инвестицијата е како резултат на партнерскиот однос помеѓу инвеститорите и институциите. Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, додаде дека анализата покажува дека секој ден во просек на Бит-пазар циркулираат 20.000 граѓани.
