СЕ ОТВОРААТ КАНЦЕЛАРИИ ВО ТРИ ЗЕМЈИ: Каде промоторите ќе „ловат“ странски инвеститори?
Шест промотори ќе „ловат“ странски инвестиции.
Во три канцеларии во Турција, САД и Германија тие ќе бидат распоредени и ќе работат на промовирање на инвестициските можности на нашата држава.
Овие канцеларии треба да бидат отворени до крајот на годинава и во секоја да има вработено по две лица. За почеток, во нив ќе работат по две лица, еден раководител и негов заменик, а фокусот ќе им биде презентација на слободните економски зони и привлекување компании од областа на индустријата.
Претходно на привлекување на странските инвеститори работеа повеќе од 30 промотори во повеќе земји, но Владата констатираше дека тој принцип на работење е неефикасен.
Промоторите кои ги воведе претходната влада, само во 2017 година ја чинеа државата 1,2 милиони евра. Претходно 33 промотори работеа на промовирање на Македонија како земја каде може да се инвестира.
Во слободните економски зони во земјава се функционални 24 инвеститори, додека 18 се во фаза на реализација на своите вложувања.
