Економија, финансии, бизнис

Контакт

Се ограничува наемнината и се утврдува колкав простор треба да имаат странските работници во Хрватска

Се ограничува наемнината и се утврдува колкав простор треба да имаат странските работници во Хрватска

Македонските државјани, кои се меѓу најбројните странски работници во Хрватска, ќе бидат опфатени со новиот Правилник за престој. Овој документ воведува строги стандарди за „хумано сместување“, задолжителни здравствени прегледи и заштита на платите од превисоки наемнини.

Правилникот детално ги пропишува минималните услови за престој. Работодавачите отсега се обврзани да обезбедат најмалку 14 квадратни метри простор за еден работник, додека за секое следно лице површината мора да се зголеми за дополнителни шест квадрати. Во куќите е поставен лимит од најмногу десет работници на секои 150 квадрати, додека во становите од 56 квадратни метри можат да престојуваат најмногу осум лица. Работодавачите мора да гарантираат дека просторот има функционални електрични и водоводни инсталации, соодветен санитарен јазол, како и целосно одвоени простории за спиење и за подготовка на храна.

За да се спречи неоснованото одземање на заработката, доколку работодавачот го обезбедува сместувањето, износот за закупнина не смее да надминува 30 отсто од нето-платата на работникот. Овој износ не смее автоматски да се запира од платата без јасна документација и оверен договор за закуп или изјава од сопственикот на недвижноста. Со новиот образец „17а“, работодавачите под кривична и материјална одговорност ја потврдуваат точноста на податоците за условите во кои престојува работникот.

Важен дел од новите прописи се однесува на јавното здравје. Странските работници уште при првото поднесување барање за дозвола за престој и работа мора да приложат доказ за извршен здравствен преглед, статус на вакцинација и општа здравствена состојба. Овие прегледи се спроведуваат во жупаниските заводи за јавно здравство или во Хрватскиот завод за јавно здравство (ХЗЈЗ), а потврдата се издава на новиот образец „18а“. Целта на овие мерки е да се спречат епидемиолошките ризици, дури и за оние кои планираат престој пократок од три години.

Според државната секретарка во хрватското МВР, Ирена Петријевчанин, во текот на 2026 година најмногу работни дозволи добиле државјаните на Босна и Херцеговина, а веднаш по нив следуваат работниците од Филипините, Непал, Србија и Северна Македонија. 

Слично

Поврзани вести