Се огласи Тинекс за платите на вработените, но и за предизвиците со кои се соочуваат
Oд Тинекс велат дека деновиве во медиумите имало информации за нивната финансиска состојба кои не ја одразуваат целосната и точна слика.
Додаваат дека сакаат да бидат транспарентни кон сите, од потрошувачи, вработени до добавувачи и соработници затоа се обратија до јавноста со соопштение.
„Тинекс се соочува со предизвици во ликвидноста, кои произлегуваат од негативни финансиски резултати во претходниот период, настанати пред сè поради комерцијална политика која не ги даде очекуваните резултати. Ова е факт кој го признаваме отворено и одговорно. Меѓутоа, еднакво важен факт е следново: сите плати на вработените се исплатени. Информациите кои се шират дека постои задоцнување со исплатата на плати се неточни. Менаџментот на Тинекс активно работи на изнаоѓање на конкретни решенија за излез од моменталната состојба. Зборовите ги поддржуваат и делата: најголемите банки и клучните добавувачи на компанијата стојат цврсто зад нас — знак дека довербата во Тинекс и во неговиот потенцијал останува непоколебана. Преговорите се во тек, а резултатите ќе бидат видливи во наредниот период. Компанијата има јасен план за стабилизација и зајакнување на работењето, со фокус на ревидирана комерцијална стратегија и оптимизација на трошоците. До нашите вработени: Вашата посветеност и труд се темелот на Тинекс. Вие сте нашата прва и главна грижа. Вашите права ќе бидат заштитени и почитувани во секој чекор. До нашите добавувачи и деловни партнери: Нашата соработка е изградена на взаемна доверба и долгогодишна традиција. Ние ја цениме и ќе продолжиме да ја негуваме. Активно работиме за нормализација на сите обврски. До нашите купувачи: Тинекс е и останува отворен за вас. Нашите продавници работат и напорно работиме целосно да се наполнат“, велат од менаџментот на Тинекс.

Додаваат дека Тинекс постои повеќе од три децении и изградил позиција на доверба кај стотици граѓани во Македонија. Таа доверба како што велат не ја земаат здраво за готово и ќе излезат посилни од овој предизвик.
