СЕ ОГЛАСИ КАМ МАРКЕТ: Од страна на надлежните институции „Bella Farm“ не е прогласен за небезбеден, не содржи растителни масти, ниту е повлечен од промет
Во врска со натписите објавени во одредени медиуми, а засновани на неофицијални информации за отстапувања во декларирањето на производот урда Bella Farm, КАМ ја информира јавноста дека, согласно Извештајот од тестирањето на Институтот за јавно здравје на РСМ од 15.04.2026 година, резултатите од испитуваните параметри се во согласност со важечките стандарди за квалитет, реагираат од Кам Маркет по објавите во медиумите дека сирењето кое што се продава во нивните маркети било дел од анализите на ИЈЗ со кои се констатирано дека имало отстапки во квалитетот.
„Резултатите од испитуваните параметри се во согласност со Правилникот за барањата за квалитет на суровото млеко, стандардите за квалитет на конзумното млеко и млечните производи, употребата на нивните називи, квалитетот и активноста на стартер-културите, сирилата и другите специфични материји и начинот на нивна употреба, начинот на дополнително означување на млекото и млечните производи, како и дозволеното отстапување на тежината во однос на декларираната тежина („Службен весник на РМ“ бр. 96/2011)„, ја посочуваат анализата од ИЈЗ од Кам.
Оттаму додаваат дека предметниот производ од страна на надлежните институции не е прогласен за небезбеден, не содржи растителни масти, ниту е повлечен од промет во периодот од денот на мострирање 30.03.2026 год. до денес.
„Во објавените натписи во медиумите се создава впечаток дека постои значително отстапување од декларираната вредност на млечни масти, што не ја отсликува реалната состојба бидејќи се споредуваат два различни параметри кои не можат директно да се споредуваат и тоа:
- млечна маст во сува материја: декларирано мин. 25% - според резултат од анализа 29%
- вкупни масти: декларирано 7,5% – според резултат од анализа 5,54%.
Овој параметар е дел од просечни нутритивни вредности, не се утврдува од една анализирана мостра и за истиот нема потпишана минимална вредност, а согласно правилникот е предвидена варијабилност според сезонска променливост.
Сакаме да ве увериме дека како и досега, доколку се појави небезбеден производ, веднаш и целосно транспарентно ќе ве информираме и ќе ги преземеме сите неопходни мерки“, велат во соопштението објавено на социјалните мрежи.
