Економија, финансии, бизнис

Контакт

Се одржа молебен на гробот на Свети Кирил во Италија

Се одржа молебен на гробот на Свети Кирил во Италија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, ја предводеше Македонската црковно-државна делегација која присуствуваше на молебен на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим, Италија.

Посетата е по повод одбележување на традиционалната манифестација „Македонија во чест на Свети Кирил", која секоја година се одржува во Рим. На молебенот чиноначалствуваше митрополитот Тимотеј, а по молебенот, делегацијата положи свежо цвеќе.

„Денеска го прославуваме свети Кирил. Стоејќи сега пред твојот свет гроб, свети Кириле застапи се со твоите свети молитви пред Севишниот Бог. Застапи се за Македонската православна црква и за македонскиот народ. Да ги надминеме сите непријатности, внатрешни и надворешни. Та во меѓусебен мир и слога да го славиме името на Севишниот, сега и во сета вечност“ - вели митрополитот Тимотеј.

Оваа година се одбележуваат 1145 години од смртта на сесловенскиот просветител Свети Кирил.

„Празнувањето на оваа манифестација за мене лично, а верувам и за сите вас е особено значајно поради единственото историско, културолошко и епохално значење на светите Кирил и Методиј произлезено од нивната просветителска мисија“ - кажа Вељановски.

Поклонението на гробот првпат е организирано во 1969 година и оттогаш секој 24 мај се одбележува со највисоки почести.

Слично

Поврзани вести