Економија, финансии, бизнис

Контакт

Се одложува финалната либерализација на пазарот на електрична енергија?

Се одложува финалната либерализација на пазарот на електрична енергија?
Македонската Влада ќе ја одложи последната фаза од либерализацијата на пазарот на електрична енергија, во рамките на која на слободен пазар требаше да излезат домаќинствата и помалите фирми, неофицијално дознава Фактор. Оваа информација се уште официјално не се потврдува, но за денеска во 12:30 часот во Владата е закажана пресконференција на министерот за економија Беким Незири. Според најавите од владината прес-служба, темата на пресконференцијата е од областа на енергетиката, но подетално нема информации за што ќе стане збор. Последната фаза од либерализацијата на пазарот на електрична енергија требаше да донесе пониски сметки за струја за над 70.000 мали компании. За домаќинствата проценките беа дека можности за поевтинување нема, односно дека 7-те лиценцирани понудувачи не можат да понудат пониски цени од оние што се во моментот. Со оваа фаза се очекуваше учеството на електрична енергија што се купува на слободен пазар порасне за 20% и да надмине 60% од целата потрошувачка на струја во државава. Во претходната, втора фаза, од април годинава, на слободниот пазар излегоа 238 компании. Тие купија струја поевтина за 17 до 30 отсто од дотогашната по регулирани цени. Доколку информациите за одлагањето се потврдат, Владата ќе ја стопира либерализацијата на само месец дена пред истекот на крајниот рок до кој малите фирми веќе требаше да изберат кој ќе ги снабдува. Дел од фирмите снабдувачи веќе инвестираа и влегоа во трка за да привлечат што поголем број клиенти. Нема информации со кое образложение владата би го презела овој чекор и кој ќе биде новиот рок за целосно отворање на пазарот на електрична енергија во земјата.
Слично

Поврзани вести