СЕ ОДЛАГА РОКОТ ЗА УПИС НА ВИСТИНСКИТЕ СОПСТВЕНИЦИ НА СТРАНСКИ КОМПАНИИ ВО ЦЕНТРАЛЕН РЕГИСТАР - пратениците предложија измени на законот
Се бара одложување на одредбите и задолженијата за упис на вистинските сопственици на странските компании во Централниот регистар на Македонија.
Со потпис на повеќе пратеници од редовите на владејачкото мнозинство, во Собранието е доставен закон за измена на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам.
Имено со овој закон се уредуваат мерките, дејствијата и постапките кои субјектите и надлежните органи и тела ги преземаат заради откривање и спречување на перење пари, поврзани казниви дела и финансирање на тероризам, како и работењето и надлежностите на Управата за финансиско разузнавање.
- Во член 31 од Законот предвидена е обврска странските трустови и правни аранжмани да запишуваат вистински сопственик/ци доколку повереникот/управителот или лице кое извршува активности, еднакви или слични како во членот 22 од законот (основач, повереник, заштитник, корисник или група корисници под услов идните корисници да се утврдени или да можат да се утврдат, друго физичко лице кое преку дирекна или индирекна сопственост или на друг начин врши контрола над трустот), се стекнал со седиште или престојувалиште во Република Северна Македонија, односно во име на трустот или правниот аранжман стекнал имот односно воспоставил деловни односи со субјектите пропишани со законот или од денот кога добил единствен даночен број (ЕДБ) во Република Северна Македонија согласно со закон - се посочува во предлог измените на Законот доставени пред пратениците.
Иако оваа одреба требаше да започне да се применува од јануари 2026 година, со измените се предлага негово одлагање.
Централниот регистар на Р.С.Македонија во согласност со Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, го администрира регистарот на вистински сопственици при што постапката на упис и издавање на информации е во согласност со Правилник за упис на податоци и издавање на информации од регистарот на вистински сопственици.
- Со цел обезбедување на функционалност за упис на вистинските сопственици на странските трустови и правни аранжмани, потребно е да се пролонгира рокот за упис во регистарот, односно да се одложи примената на одредбата до 1 јануари 2027 година - се посочува во законското решение доставено во Собранието.
Законот се менува на предлог на Бојан Стојаноски, Бране Петрушевски, Дафина Стојаноска, Драгана Бојковска, Мартин Стојановски, Никола Коњановски. Со оглед дека го предлагаат претставници на владејачкото мнозинство, се очекува овие измени да бидат донесени.
Предлагачите посочуваат дека овие измени се носат токму со цел „одложување на рокот за упис на вистинските сопственици на странските трустови и правни аранжмани од 1 јануари 2027 година“. Според нив, измените на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам не предизвикуваат фискални импликации врз Буџетот на Република Северна Македонија.
П.О.
