Се одбележуваат петнаесет години од масакрот кај Вејце
Се навршуваат 15 години од масакрот кај Вејце, во кој загинаа осум припадници на АРМ и МВР во конфликтот во 2001 година со албанските екстремисти.
Министерот за одбрана, Зоран Јолевски и Началникот на ГШ на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски, ќе положат цвеќе пред споменикот на загинатите припадници на полкот за специјални операции на АРМ во касарната „Илинден“ во Скопје. Тие ќе присуствуваат на дел од редовната обука која ја изведуваат припадниците на оваа најелитна единица на АРМ.
Цвеќе денеска ќе биде положено и на другите спомен обележја за бранителите загинати во Вејце. Почит ќе им оддадат роднините и здруженија.
Во заседата кај тетовско Вејце загинаа Роберт Петковски од Бунарџик, Скопје, Бобан Трајковски од Куманово, Игор Костески од Скопје, Миле Јаневски од Македонска Каменица, Марјан Божиновски од Битола, Кире Костадиновски и Бошко Најдовски од село Горно и Долно Оризари, Битола и Илче Стојановски од Породин.
