Се одбележуваат 15 години од загинувањето на бранителите кај Карпалак
Се одбележуваат 15 години од загинувањето на македонските бранители кај месноста Карпалак во конфликтот во 2001 година.
Со положување цвеќе пред спомен-плочата на Карпалак и во комплексот „Карпалак“ во Прилеп денеска ќе им се оддаде почит на бранителите.
Венци со цвеќе ќе положат делегација на Владата предводена од министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски и делегација од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија.
На 8 август 2001 година на патот Скопје – Тетово во близина на селото Групчин кај месноста Карпалак од заседа беше нападнат конвој на Армијата на Република Македонија од албанските терористи. Загинаа десет армиски припадници: Нане Наумоски (48), резервен капетан, Сашо Китановски (40), резервен поручник, Горан Миновски (29), воен обврзник, Ердоган Шабановски (21), воен обврзник, Љубе Грујоски (32), воен обврзник, Бранко Секулоски (43), воен обврзник, Дарко Велјановски (27), воен обврзник, Пеце Секуловски (31), воен обврзник, Веби Рушитовски (26), воен обврзник и Мирко Деспотовски (27), воен обврзник, сите од Прилеп и прилепско.
Почит на хероите вчера им беше оддадена во прилепската касарна, а беше посетен и споменикот на загинатите бранители во селото Лениште, а во манастирот „Света Петка“ се одржа вечерна литургија.
