Се нудат 10.000 евра за информација за убиството на Оливер Ивановиќ
Koсовската полиција нуди награда од 10.000 евра за релевантна информација во врска со убиството на Оливер Ивановиќ, пренесува косовскиот портал Коха.нет.
Лидерот на Граѓанската иницијатива, Ивановиќ утрово беше застрелан пред партиското седиште во Косовска Митровица.
Неговото тело го забележала сосетката која повикала Итна медицинска помош. Ивановиќ бил итно пренесен во Клиничкиот центар каде и покрај обидите за реанимација, докторите можеле само да контатираат смрт.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ убиството на Ивановиќ го окарактеризира како терористички акт нагласувајќи дека Србија кон тоа ќе се однесува токму така, како кон терористички акт.
Вучиќ најави денеска дека наскоро ќе отпатува во Косово каде ќе има средба со српската заедница.Тој истакна и дека убиството на српскиот политичар нема да мине неказнето.
„Ни Хашим Тачи ни Рамуш Харадинај не се главни на Косово, туку тоа е господарот на Косово Кадри Весељи, кој зборува дека Косово стигнало до Ниш. Нема да стигне“- додаде Вучиќ.
Претседателот на Србија истакна дека постојат идеи на една земја во рамките на КФОР да се прекине контролата врз административната линија на разграничување.
Светски медиуми ја пренесоа веста за убиството на Косово.