Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЕ НАОЃА ВО РЕГИОНОТ, А МАКЕДОНЦИТЕ РЕТКО ЛЕТУВААТ ТАМУ: Зошто е тоа така?

СЕ НАОЃА ВО РЕГИОНОТ, А МАКЕДОНЦИТЕ РЕТКО ЛЕТУВААТ ТАМУ: Зошто е тоа така?

Летување со 6 ноќевања со појадок и вечера за две лица со дете до 11 години во Хрватска чини над 1.800 или над 2.000 евра. Во медиумите од регионот постојано читаме дека Хрватска е скапа дестинација за одмор, а мал број Македонци летуваат токму во оваа земја. Повеќето ги бираат Грција и Албанија, но за Хрватска интересот е послаб. Се смета дека далечината, нашиот низок стандард, но и тоа што многу агенции не ја работат Хрватска и не е толку промовирана е причина зошто нашинците поретко одмораат во оваа балканска земја.

„Ако се оди со хотелско сместување, тогаш испаѓа поскапо, иако оваа година е поевтино од Грција, но претпоставувам дека е проблем патот или новите правила, па треба луѓето да поминат повеќе граници. Ако одат авионски, тоа го оптоварува буџетот. За приватно сместување може да си најдат поевтино ако резервираат навреме. Тоа секој може индивидуално да си го направи. Можат да останат 3 дена на едно место, 2 дена на друго место, да го поминат цел регион, има и такви случаи, но тоа се индивидуалци. Во август е скапо во Хрватска затоа што таму одат Италијанци и туристи од други земји“, додаваат од туристичката агенција Травити од Скопје.

Наведуваат дека во Хрватска има термални води, има убави места, има кампови, но таа не е доволно промовирана кај нас.

„Хрватска за нас е скапа, но и маркетингот кон Хрватска е ужасен. Малку ја работат таа дестинација од агенциите. За групни патувања луѓето потешко се решаваат. Брач беше интересен некогаш, но е скап. Хотелите во Хрватска и во Грција немаат некоја голема разлика, сместувањето во јули и во август исто така нема некоја голема разлика, но Грција ни е блиску и се форсира и рекламира. Хрватска е скапа, но тоа што го нудат во хотелите е исто како во Грција. Околу Сплит, Трогир, Макарска, Цавтат може да се најде сместување кое е поповолно дури и од Грција, но агенциите не ја работат дестинацијата оти е подалеку од Грција, односно за групен туризам е далеку. Далечината си го прави своето. Маркетингот кој е направен уште од времето на Југославија е дека Хрватска е скапа и тоа ни е останато во главите. Луѓето кои одат во Грција носат храна од тука или купуваат на поевтини места, но и во Хрватска може да се најдат места каде може да се купи поевтина храна. Рестораните, кафулињата и дискотеките во Хрватска се скапи, но прашање е колку од нашите граѓани ги користат тие услуги при масовен туризам“, велат од туристичката агенција Дрим Холидејс од Скопје.

Оттаму појаснуваат дека воедно различен е и концептот на приватното сместување во Хрватска и Грција, со тоа што јужниот сосед многу повеќе одговара.

„Не нудиме аранжмани за Хрватска, работиме само со Грција. Доколку се има желба за патување, ништо не е премногу скапо. Ова важи за оние кои се љубители на патувањата. Далечината е исто фактор поради кој луѓето ја избегнуваат Хрватска. Има дестинации во Грција каде туристите би стигнале за 2-3 часа ако нема метеж на границите“, додаваат од агенција во внатрешноста.

Податоците на Хрватската туристичка организација и на Хрватскиот завод за статистика покажуваат дека македонските туристи се малку на број во однос на оние кои доаѓаат од земји како Германија, Австрија, Полска, Чешка, Британија, Италија и други. Имало години кога 22.000 туристи од Македонија ја посетиле Хрватска, но имало и години кога нивниот број се движел и до 45.000. 


Само во некомерцијалните сместувања лани во Хрватска се регистрирани 4.301 македонски посетител, кои оствариле 114.627 ноќевања.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести