Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЕ НАОЃА НА 300 КИЛОМЕТРИ ОД ИЗРАЕЛ И ЛИБАН: Туризмот во земјата трпи огромни штети

СЕ НАОЃА НА 300 КИЛОМЕТРИ ОД ИЗРАЕЛ И ЛИБАН: Туризмот во земјата трпи огромни штети

Хотелиерите и угостителите на Кипар се плашат дека оваа ќе биде слаба туристичка сезона. 

Намалениот број туристи веќе ги погоди хотелите, рестораните и изнајмувачите, а многу плажи и туристички места се полупразни. Според локалните проценки, хотелските резервации во март се намалиле за околу 40 проценти, а негативниот тренд продолжил и во април. Од компанијата „Hermes Airports“ предупредуваат дека бројот на туристи во текот на летната сезона може да биде помал за скоро половина милион посетители.

Главната причина е чувството на несигурност кај туристите, бидејќи Кипар се наоѓа во близина на кризното подрачје. Островот е оддалечен помалку од 300 километри од Израел и Либан, па многу европски туристи годинава избираат побезбедни и подалечни дестинации, меѓу кои најмногу се издвојува Шпанија.

Дополнителна загриженост предизвикал и нападот со дрон врз британската воена база Акротири на југот од островот, што уште повеќе влијаело врз довербата на туристите.

Туризмот има огромно значење за економијата на Кипар, затоа што носи околу седум проценти од бруто-домашниот производ. Експертите сметаат дека ситуацијата би можела постепено да се подобри доколку се намалат тензиите во регионот.

Во пресрет на шпицот на летната сезона, туристичките работници внимателно ја следат состојбата и се надеваат дека ќе има барем мало зголемување на бројот на гости, што би помогнало делумно да се спаси сезоната.

На Кипар во просек годишно доаѓале по 4 милиони туристи и тоа го прави островот да биде меѓу 40-те топ дестинации во светот. Гости им доаѓаат од Британија, Израел, Полска, Германија и други земји. 
Кризата на Блискиот Исток почна на 28 февруари годинава кога САД и Израел го нападнаа Иран, со цел да го принудат да се откаже од поседување на нуклеарно оружје. 
foto Wikipedia/A.Savin

Слично

Поврзани вести