СЕ НАЈДЕ КУПУВАЧ КОЈ ИСКЕШИРА 243 ИЛЈАДИ ЕВРА: Наддавал над почетната цена за акциите на Еуростандард во „Реплек“
Се продадоа акциите кои пропаднатата Еуростандард банка ги имаше во фармацевтската компанија „Реплек“, дознава Фактор. Се нудеа по почетна цена од 92.001 денар за акција, минатата недела, на јавна берзанска аукција, а се продале по 93.500 денари, потврдуваат нашите извори. Станува збор за пакет во кој имаше 160 акции или 0,62 отсто од основната главнина на друштвото што значи дека новиот сопственик за нив платил над 243 илјади евра. Акциите ги продаваше стечајниот управник преку членката на берзата Комерцијална банка.
Претходно односно предминатата недела се продадоа акциите кои Еуростандард банка ги имаше во Централниот депозитар за хартии од вредност. На аукцијата се понудија на продажба 890 обични акции издадени од Централен Депозитар за хартии од вредност АД Скопје кои се 14,83 отсто од основната главнина на друштвото. Почетната продажна цена по акција беше 15.000 денари, а се продаваа преку моделот „на парче“. Според информациите на Фактор, поголемиот процент од акциите, односно пакет до 10 отсто купила Македонска берза, а останатиот помал дел го купил друг инвеститор.
Овие, но и акциите на Еуростандард банка во други моќни компании се нудеа во голем пакет акции и лани. Нешто се продаде тогаш, а остатокот се нуди на продажба сега. Во текот на август и септември минатата година се продадоа 276 акции на Еуростандард во Македонска берза. Иако акциите ги пикираше Загребска берза, а за чие преземање берзата од Загреб доби согласност да ги купи, на продажбата отидоа кај друг купувач.
Како што веќе објавивме на тие аукции минатата година се продадоа акции на Еуростандард банка, од пакетот во Гранит, но и КИБС.

А.Т.
