Економија, финансии, бизнис

Контакт

Се најавуваат нови таблет компјутери, училиштата чекаат санација!

Се најавуваат нови таблет компјутери, училиштата чекаат санација!
И по седум години од најголемата инвестиција во образованието, како што Владата ја нарече контроверзната компјутеризација на училиштата, се уште нема комплетен  отчет колку пари се потрошија и што е ефектот од овој проект. Наместо тоа, се најавува нова набавка на таблет-компјутери во услови кога сите се согласуваат дека е потребна реконструкција на 200 училишта. Училиштата се уште не ги санирале штетите од кражбите и оштетувањата на компјутерите кои беа дел од Проектот “Компјутер за секое дете”, а веќе во најава е уште една голема компјутеризација. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања најави дека ќе набави нови 300.000 таблет –компјутери за учениците од основното и средното образование со образложените дека ќе се продолжи со осовременување на наставата. Но, според статистиките, во изминативе седум години, од училиштата се украдени околу 2.800 компјутери и компјутерска опрема во 400 основни и 38 средни училишта. Од овие причини, дел од компјутерите се уште се држат под клуч, а во општините и училиштата се жалат дека немаат доволно пари за одржување на санитариите, па камоли за осигурување на компјутерите што им се предадени. Двеста училишта во моментов чекаат на реновирање, а дел од нив почнаа да се распаѓаат, па дури и да стануваат опасност по здравјето на учениците, како што беше примерот со Средното хемиско училиште „Марија Кири-Склодовска“ каде дел од таванот падна врз ученик. Во вакви услови, училиштата би требало да ги дочекаат новите таблети кои се најавени дека ќе се распределат во сите училишта, иако компјутеризацијата како фаза е завршена во сите објекти. Најавата за таблет компјутери, дополнително ги зголемува дилемите зошто е потребна нова компјутеризација кога само пред извесно време беа набавени компјутери за училиштата, кои и покрај замислата, не се користат секаде. Засега никој не открива колку пари ќе чини овој проект и кога ќе почне да се реализира.  Во Буџетот за 2015 година, во Министерството за образование и наука и во Министерството за информатичко општество не се предвидени пари за оваа намена. Целта на новиот проект, како што беше најавено, е да се продолжи со осовременување на наставата за учениците во основно и средно образование. „Со цел да се следи и применува најсовремената информатичко – комуникациска технологија во образовниот процес, програмата за работа на Владата за следните 4 години предвидува проект за набавка на 300.000 таблет компјутери кој ќе се реализира етапно, со тоа што најпрво ќе се набават таблет компјутери за учениците во средно образование, па потоа за учениците од 6 до 9 одделение во основно образование и на крајот за учениците од 1 до 5 одделение во основно образование. Исто така, преку овој проект, Министерството за образование и наука ќе продолжи и со набавка на интерактивни табли за основните и средни училишта“ -  велат од Министерството за образование и наука. Од друга страна, и во самата изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ од годинава е наведено дека на голем број од училиштата им е потребна реконструкција и токму затоа тие училишта се наведени во програмата. „Или, дури 48 училишта со вкупни 31 илјада ученици чекат промена на крововите. Потоа, 59 училишта со вкупно 44.929 ученици чекаат промена на санитарните јазли, 35 училишта со вкупно 14.636 ученици имаат потреба од санација на греењето, а 39 училишта со вкупно 130.156 ученици чекаат на замена на прозорци и 19 училишта со 16.499 ученици чекаат промена на подовите“, се наведува во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ. Но, исто така, во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ е наведено дека тие како владејачка партија во периодот од 2006 до 2014 година инвестирале 35,7 милиони евра во изградба, санација и реконструкција на основните училишта. Оваа сума, која, како што е наведено, ја инвестирале во училиштата за период од осум години е нешто помала од сумата што, според неофицијалните проценки, се потроши за набавката на компјутерите од проектот „Компјутер за секое дете“, проект кој се реализираше за три години. И покрај острите критики во јавноста дека во ситуација кога училиштата се руинирани, набавката на компјутери е само шминка, која не ја отсликува реалноста, сепак, за Владата, тоа е проект кој е во интерес на образовниот процес. По пет кражби во еден месец Проектот “Компјутер за секое дете“ е една од најголемите инвестиции во насока на зголемување на ефикасноста и квалитетот на образовниот процес во Република Македонија, преку кој се обезбедени 17.818 персонални компјутери, 98.710 ЛЦД-монитори, 98.710 тастатури и глувчиња и 80.892 тин-клиенти за основните и средните училишта во Македонија. Целта на овој проект е зголемување на степенот на користење на компјутери и интернет со што значително се подобруваат информатичко-технолошките вештини на учениците, како и на нивните професори, преку можноста за побрз и едноставен пристап до образовните дигитални содржини и информациите на глобалната интернет мрежа“, објаснуваат од Министерството за образование и наука. Оттаму потенцираат дека компјутерите се доставени до сите средни и основни училишта. „Министерството за образование и наука, врз основа на јавна набавка реализирана во 2008 година изврши дистрибуција на компјутерска опрема во сите средни училишта и 45% од вкупните потреби од основните училишта, а врз основа на податоците добиени од училиштата за бројот на ученици во тој период. Исто така, врз основа на јавна набавка, Mинистерството за информатичко општество изврши доопремување на останатите 55% од основните училишта со што распределбата беше целосно завршена“, велат од Министерството за образование. Сепак, од Министерството за образование и наука не доставија листа колку компјутери пооделно доставиле во секое училиште во земјава. Наспроти ова, директори сведочат дека не баш секој ученик добил компјутер. „ Уште пред шест години, кога стигнаа компјутерите, не беа доволно. Добивме 220 компјутери, а имаме околу 900 ученици. Ни тогаш немаше компјутер за секое дете. Оттогаш, дел од нив се расипаа, дел се неупотребливи од различни причини. Нив ги чуваме настрана. Имаше  и кражби. Значи, сега ја немаме ни таа бројка од 220 компјутери. Кога беше екстерното тестирање, собиравме компјутер по компјутер од секоја училница, за да можеме да опремиме четири кабинети за тестирањето. Според моја проценка, тие што ги имаме вршат работа за околу 20 отсто од децата. Токму сега правам проверка каква е состојбата со компјутерите за да имам целосен увид“, изјави Ќамуран Качи, директор на ОУ „Васил Главинов“ во Чаир. Каде најмногу се краделе компјутери? По пет кражби во еден месец, во просек, се случувале во училиштата откако беа донесени компјутерите. Кражбите речиси секогаш се случувале во ноќните часови, кога во училиштата немало никој од вработените и обезбедувањето. Училиштата во Скопје биле најчестата мета на крадците. Според податоците до кои дојде СКУП Македонија, во периодот од 2007 година па се до првите шест месеци од годинава, во Македонија се извршени вкупно 438 тешки кражби и кражби на компјутери и компјутерска опрема од 400 основни и 38 средни училишта. Најголем број од кражбите или речиси половината се направени во Скопје-213, потоа во Тетово, Куманово,  Струмица, Охрид, Штип, Битола и Велес. Се краделе деск-топ и лап-топ компјутери, принтери и тастатури. Се што било на дофат на крадиците. За седум години од училиштата украдени биле вкупно 1.922 лап топ компјутери, 872 компјутери и поголема количина компјутерска опрема (монитори, принтери, тастатури, мауси, полначи, боксови за поврзување на компјутери и др.). Од вкупниот број регистрирани кражби, МВР досега успеала да расветли 104 дела. Сепак, во МВР немаат податок за висината на штетата што е направена со овие кражби. Компјутерите уште се држат под клуч Дел од професорската фела во земјава смета дека и покрај напорите да се прикаже дека проектот „Компјутер за секое дете“ е успешно имплементиран во сите училишта и дека се е во ред, состојбите реално не се такви. Елизабета Секирарска, која е професор во кумановското училиште СОУ “Перо Наков“, вели дека тоа училиште е само еден пример дека проектот е промашена инвестиција, за која се потрошија огромни суми пари. „Во моето училиште, проектот на крај се сведе на 8 кабинети кои се опремени со комјутери, се држат под клуч и се користат од страна на наставниците по потреба (најчесто за предметот Практична настава во 4-та година). Овие кабинети се користат и од страна на другите наставници тогаш кога им се вклопува во тековната подготовка за настава. Инаку, низ останатите училници компјутерите се тргнати поради уништување од страна на учениците или поради дотраеност и неодржување“, вели професорката Елизабета Секирарска. Со сличен став е и поранешниот министер за образование, Ненад Новковски, кој смета дека  наведениот проект е еден од долгата низа активности насочени кон компјутеризација на образовните институции. При тоа, посочува оти проектот е најголема масовна набавка на компјутери за образовните институции досега кај нас и една од најголемите инвестиции во образованието, но за жал, при концепцијата на овие активности не биле почитувани три основни принципи. „Како прво, не е водено сметка за оптимална употреба. Ова не е недостаток само од аспект на економска рационалност, туку и од педагошки аспект. Имено, преку сите активности што се спроведуваат во училиштата, учениците треба да стекнат јасна претстава за тоа како средствата треба најправилно да се користат. Како второ, не е почитуван принципот на одржливост. За да може да функционира ефикасно еден таков голем систем, неопходно е постојано да се одржува и обновува во делови. Водејќи сметка дека векот на живот на компјутерите е кус, а застарувањето брзо, требало да биде обезбедено постојано надополнување и заменување на дел од опремата. Како трето, не е водено сметка дека предвидените решенија треба да бидат надградливи. Со тек на времето треба да се модернизира, без да се исфрла целиот систем. Едновремено, со тоа се обезбедува и континуитет во знаењата обезбедени со обуките“, вели поранешниот министер за образование, Ненад Новковски. И Секирарска и Новковски, сметаат дека проектот не ги даде очекуваните резултати, но и предупредуваат дека сега не смее да се повтори истата грешка со новата најава за набавка на таблет комјутери за училиштата. „Проектот беше имплементиран без сериозна осмисленост, поддршка и дефинирана намена и ефектот изостана. Од контакти со колегите по другите училишта и градови, состојбата е иста, за жал. Се плашам дека новиот проект „Таблет за секое дете“ ќе ја доживее истата судбина, бидејќи засега не гледам основ за применливост на таблетите во наставата - ниту дидактички, ниту педагошки, вели Секирарска. Новковски смета и дека најавената набавка на таблети дополнително сведочи за неводењето сметка за континуитетот на развитокот. Казни за директорите, а училиштата немаат пари за одржување на компјутерите Откако компјутерите стигнаа во училиштата, па се до средината на оваа година, Министерството за образование и наука покренало 159 прекршочни и 15 кривични постапки за директори или професори поради оштетување и некористење на компјутерите во наставата. „Поради кражба или друго несовесно однесување кон компјутерите се казнети 73 директори, додека за некористење на компјутерите кои се дел од проектот ‘Компјутер за секое дете‘ од реализацијата на проектот па до денес, казнети се 54 директори и 47 наставници“, се вели во писмениот допис од Министерството за образование и наука до СКУП-Македонија. Според информациите, Државниот просветен инспекторат лани направил 838 контроли во повеќе училишта, а при тоа се донесени 33 решенија за отстранување на недостатоци, 88 повикувања за едукација и 2 поднесоци до суд. За компјутерите да бидат во функција, назначени се администратори кои што се вработени во Министерството за информатичко општество и администрација, кои им служат на општините, односно интервенираат онаму каде што има потреба. Проблем најчесто има во руралните средини, каде што поради слаб доток или прекин на електричната енергија доаѓа до нарушување на работата на компјутерските системи. Но, од ресорното министерство не ја знаат бројката на компјутери што не се во функција, оти е променлива, затоа што, велат дека доколку се појави било каков проблем во функционалноста, по пријава од соодветното училиште, администраторите интервенираат и ги отстрануваат евентуалните недостатоци. Сепак, од ресорното министерство потенцираат дека компјутерите од овој проект се предадени во владение на училиштата, односно општините и град Скопје и за нивното одржување, осигурување, санација на оштетувањата, како и замената со нови компјутери се одговорни самите училишта, односно општините. Дел од директорите во училиштата се жалат дека одржувањето на компјутерите е тешко во ситуација кога буџетите не се доволни за санација на тоалетите во кои одат учениците или крововите што прокиснуваат. „По многу години од имплементацијата на проектот ‘Компјутер за секое дете‘, на нашите училишта им останува да трошат огромни средства за одржување на компјутерите за да можат да бидат во функција. Во ова сиромашно време, подобро би било парите да ги трошиме за подобрување на  инфраструктурата за подобри услови на нашите деца, за подобри санитарни јазли, за поубави училишни дворови и повеќе игралишта“,  вели Леонид Танчев, директор на ООУ „Видое Подгорец“ во Струмица. Наташа Стојановска „Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство“
Слично

Поврзани вести