Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЕ МЕНУВА УСТАВОТ – бракот како заедница меѓу маж и жена, ограничување на буџетскиот дефицит!

СЕ МЕНУВА УСТАВОТ – бракот како заедница меѓу маж и жена, ограничување на буџетскиот дефицит!
Осум крупни измени на Уставот предлага Владата. Според премиерот Никола Груевски измените на највисокиот правен акт на државата се во насока на уставно допрецизирање, подобрување на квалитетот, зголемување на независноста и целисходно функционирање на системот. Измените вклучуваат: 1. Народната банка на Република Македонија да се преименува во Банка на Република Македонија. 2. Бракот јасно и прецизно да се дефинира како заедница само на еден маж и една жена. 3. Воведување на институтот Уставна жалба, со која Уставниот суд ќе добие нова надлежност да одлучува по уставна жалба, изјавена против поединечни акти или дејствија на државните органи, единиците на локалната самоуправа или носителите на јавни овластувања со кои се повредуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот кои се однесуваат на: дискриминацијата, правото на живот, тортура, правото на слобода на човекот, пресумпцијата на невиност и фер судење, слободата на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање, слободното основање институции за јавно информирање, слободата на вероисповедта, слободата на здружување, почитувањето и заштитата на приватноста, на личниот и семејниот живот, на достоинството и угледот, како и правото на слободно движење, доколку се исцрпени или не се предвидени други национални правни средства за нивна заштита. 4. Промена на составот на Судскиот совет на Република Македонија и зголемување на бројот на судии членови на Судскиот совет избрани од страна на судиите, а исклучување на членовите по функција – министерот за правда и Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија од составот на Судскиот совет. 5. Воведување надлежност на Уставниот суд да одлучува по жалба на одлуките на Судскиот совет на Република Македонија за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители на Република Македонија за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител. 6. Воведување на уставно гарантиран максимум на буџетскиот дефицит во висина најмногу до 3% од БДП, а јавниот долг да се лимитира на ниво од најмногу 60% од БДП. 7. Уставна можност за формирање на финансиска зона која би развивала посебна правна и финансиска регулатива по највисоките меѓународни стандарди. 8. Внесување на Државниот завод за ревизија како уставна категорија „Предлог одлука да се пристапи кон иницијатива за измена на Уставот на Република Македонија е насочена кон подобрување на работата на институциите, воведување нови повисоки стандарди и овозможување на дополнителни услови за економски развој и просперитет. Очекуваме пошироката и експертска јавност да се вклучи во овој процес, и со аргументи и издржани дискусии да се извлече најдоброто за државата и сите нејзини граѓани“, изјави премиерот Груевски, презентирајќи ги измените на Уставот, кои Владата ќе ги достави до Собранието.  
Слично

Поврзани вести