Економија, финансии, бизнис

Контакт

СЕ КРОЈАТ КРИТЕРИУМИТЕ ЗА НОВИТЕ БЕСКАМАТНИ КРЕДИТИ - останува условот фирмата да нема неплатени даноци и придонеси

СЕ КРОЈАТ КРИТЕРИУМИТЕ ЗА НОВИТЕ БЕСКАМАТНИ КРЕДИТИ - останува условот фирмата да нема неплатени даноци и придонеси

За две недели ќе се утврдат и ќе се знаат точните критериуми според кои ќе се дели новата трета кредитна линија од 31 милиони евра во форма на бескаматни кредити на фирмите што се погодени од корона кризата, дознава Фактор.

Како што е познато, досега до корисниците стигнаа 5,5 милиони евра бескаматни кредити од првата кредитна линија Ковид 1, како и 8 милиони евра бескаматни кредити од втората кредитна линија Ковид 2, кои им помогнаа на многу фирми да ги надминат ликвидносните тешкотии предизвикани од корона кризата, и да ги сочуваат работните места. Дел од фирмите што бараа вакви поволни заеми, пак, не успеаја да дојдат до нив, поради големата јагма што владееше, а распределбата одеше според принципот прв дојден, прв услужен.

Сега компаниите со нетрпение ги очекуваат новите заеми, кои вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, веќе ги најави на својата прва прес конференција во Владата.

Според нашите сознанија, критериумите за тоа кои компании ќе можат да земат кредит ќе се утврдуваат заедно со Европската унија, која всушност го дава најголемиот дел од парите. Односно, од овие вкупно 31 милиони евра кои ќе се делат, 30 милиони евра ќе бидат грант од Европската унија, а еден милион евра ќе бидат средства од Министерството за економија. Наши извори велат дека најверојатно критериумите според кои ќе се одредува која фирма ќе може да дојде до ваков кредит ќе бидат слични со оние од претходните линии.

МОЖНО ОЛАБАВУВАЊЕ КАЈ НЕКОИ КРИТЕРИУМИ

Односно, кај некои критериуми можеби ќе има олабавување, но според сознанијата, еден критериум речиси е извесно дека нема да биде изменет, а тоа е дека фирмата ќе мора да ги има измирено сите обврски кон државата, односно кон Управата за јавни приходи и кон фондовите. 

Кога се делеа првата и втората кредитна линија бескаматни кредити Ковид 1 и Ковид 2, за да аплицира за заем фирмата мораше да има добиено документ од УЈП дека и се исплатени сите обврски кон државата. Тој услов ќе остане и за наредната трета кредитна линија.

А дел од фирмите, пак, кои се обидоа да дојдат до бескаматни кредити преку првите линии, Ковид 1 и Ковид 2, се пожалија дека не ни аплицирале, бидејќи не успеале да го исполнат условот да им бидат подмирени сите обврски кон државата.

„Бизнисот ми е речиси уништен поради корона кризата и мојата фирма нема доволно средства за да ги исплати давачките кон државата. Доколку успеев да дојдам до таков поволен заем, токму со тие средства ќе ги платев овие обврски, што ќе беше корисно и за државата, а и мојот бизнис ќе можеше барем да пркне“, вели една сопственичка на дуќан во Скопје.

Дел од овие фирми што преку претходните линии не успеаја да дојдат до поволен заем, се прашуваат дали овој услов можеби ќе биде омекнат за третата кредитна линија која ќе се финансира со пари од ЕУ, со цел барем за неа да можат да аплицираат. 

Наши извори велат дека на Европската унија и се допаднале утврдените услови кои требаше да ги исполнат фирмите за да аплицираат за поволните кредити.

„Во цел свет е прифатен условот дека компаниите мораат да ги имаат подмирено обврските кон државата, па за да аплицираат за државна помош, а во случајов тоа се бескаматните кредити“, велат нашите извори.

КАКВИ УСЛОВИ ИМАШЕ ЗА ПРЕТХОДНИТЕ КРЕДИТНИ ЛИНИИ

А олабавување може да има кај некои други критериуми. На пример, условот дека капиталот на фирмата мора да тежи минимум 50 отсто од кредитот, или ако кредитот е 10.000 евра, капиталот на фирмата да биде минимум 5.000 евра. Со втората кредитна линија Ковид 2 тој услов беше олабавен, односно капиталот на фирмата да е минимум една третина од кредитот, или 33 проценти. Можно е, велат нашите извори, овој критериум да биде дополнително олабавен, но дали тоа ќе се случи, ќе се знае после две недели, откако ќе бидат прецизирани финалните критериуми. Исто така, извесно олеснување е возможно и кај критериумот показател за финансиска задолженост.

Еве точно кои услови се бараа за Ковид 2, која беше на износ од 8 милиони евра.

Како квалификувани кредитокорисници се сметаа микро, малите и средни претпријатија кои се регистрирани во земјава, со број на вработени до 250 лица, и да се најмалку 51 отсто во приватна сопственост. За фирмите се бараше и условот да не се во постапка на стечај или ликвидација, да работат подолго од шест месеци и имаат поднесено годишна сметка во Централен регистар. 

Како критериум беше поставено и барањето фирмите да немаат неплатени даноци и придонеси, освен ако на истите им е одобрено одложено плаќање на даноците и придонесите во согласност со посебните прописи од областа на даноците, и нив редовно ги плаќаат заклучносо 31 јануари оваа година. Тоа барање најверојтно ќе остане и за новата линија.

Исто така, фирмата што бара кредит, требаше, согласно финансиските извештаи, за последната фискална година да има главнина и резерви не помалку од 33 отсто од износот на бараниот кредит, што не се пресметува за трговци поединци. Токму за овој критериум е можно да има олеснување во третата кредитна линија.

Еден од условите беше и дека показателот за степенот на финансиска задолженост на компанијата треба да е помал од 5, а се пресметува како сооднос меѓу вкупните обврски по заеми и кредити спрема главнината и резервите. И кај овој критериум е можно олабавување за следната линија.

А како што е познато, преку Развојната банка се делеа и поволни заеми во износ од 50,9 милиони евра, средства обезбедени од Европската инвестициска банка.

Развојната банка неодамна соопшти дека ја повлекла последната транша од евтините кредити за домашни компании, во вкупен износ од 20,4 милиони евра. Заклучно со оваа транша, досега се повлечени вкупно 50,9 милиони евра, односно сите средства кои беа предвидени како евтини кредити за домашните компании. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Слично

Поврзани вести